Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Виница ја подготви програмата со која ќе го одбележи Павловден – празникот на градот
Општина Виница ја објави програмата за годинашните Павловденски свечености 2026, со кои од 10 до 14 јули ќе се одбележи Павловден – празникот на градот.
Предвидени се музички, културни и духовни настани.
Програмата започнува на 10 и 11 јули (петок и сабота) со меѓународно препознатливиот музички фестивал „Cafe de Anatolia“, во организација на Cafe de Anatolia и Aleksandar Park.
На 12 јули (недела), во Сината сала ќе се одржи концертот „Павловденски видувања“, на кој староградски песни ќе изведе ЗП „Виница“.
Централните активности се закажани за 13 јули (понеделник), кога во 08:00 часот ќе се служи архиерејска богослужба во храмот „Св. Архангел Михаил“, а во 09:45 часот ќе се одржи литија до параклисот „Св. Апостол Павле“.
Во 11:00 часот, во изложбениот салон при Домот на култура „Тошо Арсов“, ќе биде промовирана книгата „Несреќен случај или атентат“ од авторот Славчо Десподов.
Во 12:00 часот ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Виница, на која ќе бидат доделени награди, благодарници и признанија.
Во 18:00 часот во фоајето на Домот на култура ќе биде изведена куклена претстава за деца.
Павловденските свечености ќе завршат на 14 јули (вторник) со стенд-ап комедија на Бојан Велевски, која ќе започне во 19:00 часот во Сината сала на Домот на култура „Тошо Арсов“. За настанот е обезбеден слободен влез.
Почитувани сограѓани, По повод празникот на нашиот град – Павловден, Општина Виница и оваа година подготви неколкудневна културно-забавна програма, исполнета со разновидни содржини наменети за сите генерации.
Во рамките на одбележувањето ќе се реализираат и традиционалните црковни чествувања во чест на Светите апостоли Петар и Павле – небесните закрилници на Виница, чие духовно наследство и благослов со векови се нераскинлив дел од нашиот идентитет, традиција и заедништво. Ве поканувам сите заедно да ги споделиме овие празнични денови и достоинствено да го одбележиме Павловден – празник што нè обединува, нè потсетува на нашите корени и вредности и нè инспирира со заедничка визија да продолжиме да ја градиме Виница како современ, успешен и просперитетен град, истакна градоначалникот Митко Костадиновски

