Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Почнува историското Светско фудбалско првенство
Време е за фудбалска треска. Вечерва започнува Светско фудбалско првенство какво што никогаш порано не сме виделе.
Мундијалот во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја беше првиот организиран на територијата на повеќе земји. Претстојниот за прв пат ќе се игра во три земји, САД, Мексико и Канада.
Мексико ќе стане првата земја што три пати ќе биде домаќин на Светското првенство, САД првпат беше биде домаќин во 1994 година, додека Канада ќе го има своето деби како организатор.
Ќе се игра на 16 стадиони во 16 градови, два во Канада, три во Мексико и 11 во САД. Поради огромните растојанија меѓу градовите домаќини, предизвикот за многу тимови ќе биде макотрпното патување. Некои ќе мора да патуваат и до 5.000 километри за време на групната фаза.
39 дена фудбал и 104 натпревари
Ова ќе биде најмасовното Светското првенство бидејќи од 32 се зголеми на 48 репрезентации учесници.
Како резултат на тоа, вкупниот број на натпревари на првенството се зголеми од претходните 64 на 104, додека времетраењето на Светското првенство е продолжено од 32 дена на 39.
Идните светски шампиони се соочуваат со долг и потежок пат до врвот – од 1.коло од групната фаза до победничкиот подиум (финалето), идниот шампион ќе мора да мине осум пречки.
48-те учесници се поделени во 12 групи од по четири екипи, а двете првопласирани директно одат во следната фаза. Во неа ќе има место и за осумте најдобро трето рангирани.


Светското првенство официјално ќе започне вечерва во 21:00 часот по средноевропско време. Мексико и Јужна Африка ќе се сретнат во првото коло од групата А на познатиот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити.
Титулата од пред четири години, ќе ја брани Аргентина предводена од Лионел Меси.
