Радио Кочани
Кочани

Шкендија го промовираше Јован Манев, репрезентативецот се враќа во македонскиот фудбал

798

Шкендија продолжува со засилувањето на тимот за новата сезона. Тетовскиот клуб официјално го потврди ангажманот на македонскиот репрезентативец Јован Манев, кој пристигнува од хрватскиот прволигаш Ријека.

25-годишниот централен дефанзивец по успешно поминатите медицински прегледи стави потпис на договор со „црвено-црните“ од Тетово кој ќе го врзува за клубот до летото 2028 година.

Манев во Шкендија доаѓа како фудбалер со сериозно меѓународно искуство. Тој е стандарден репрезентативец на Македонија, а во досегашната кариера настапуваше во неколку европски првенства.

Фудбалските почетоци ги направи во младинската школа на Брегалница од Штип, по што следеше трансфер во Турција, каде што го носеше дресот на Адана Демирспор. По турската авантура, кариерата ја продолжи во Хрватска, најпрво како позајмен играч во Осијек, а потоа и како член на Ријека.

Во изминатата сезона Манев беше дел од Нови Пазар, каде што настапуваше како позајмен фудбалер, а по завршувањето на периодот во Србија одлучи да се врати во Македонија и да го прифати предизвикот во Шкендија.

Со неговото пристигнување, тетовци добиваат уште една сигурна опција во срцето на одбраната. Од клубот очекуваат репрезентативниот стопер со своето искуство, борбеност и квалитет да биде важен дел од тимот во домашните и европските предизвици.

„Му посакуваме добредојде на Јован Манев во црвено-црното семејство и многу успеси со дресот на Шкендија“, порачаа од тетовскиот клуб.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio