Радио Кочани
Кочани

До крајот на 2026 година ТППЕ – Кочани треба да добие ново противпожарно возило

101

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Кочани до крајот на оваа календарска 2026 година треба да добие ново противпожарно возило, кое ќе биде набавено со средства од донацијата што минатата година во мај ја обезбеди општествено одговорната компанија АД МЕПСО во висина од 44 илјади евра.

Од Општина Кочани информираат дека по анализата на состојбата на возниот парк на ТППЕ било констатирано дека е неопходно да се обезбедат дополнителни средства за набавка на ново возило.

Имаше предлози да се набави половно возило, но одлуката е да се оди со набавка на ново. Средствата се обезбедени и реализацијата се очекува во текот на оваа година, посочуваат од Општината.

Во меѓувреме, во февруари годинава ТППЕ – Кочани доби противпожарна цистерна „Татра“ како донација од Чешка. Возилото е со погон на шест тркала, висок клиренс, пумпа за вода со моќност од 760 КС и резервоар со капацитет од 10 тони вода, што значително ги подобри капацитетите на единицата за интервенции, особено на непристапни терени.

Градоначалникот Владко Грозданов, на одбележувањето на Денот на пожарникарите – 20 Мај, најави дека наскоро ќе следуваат и нови вработувања во ТППЕ – Кочани, потсетувајќи дека тоа беше едно од неговите предизборни ветувања, со кое е предвидено ангажирање на пет нови професионални пожарникари.

По повод празникот, ЕВН Македонија донираше и четирицикл наменет за интервенции и гасење шумски пожари.

Според законските стандарди, ТППЕ – Кочани треба да располага со 33 професионални пожарникари, имајќи предвид дека покрај општина Кочани, единицата ги покрива и териториите на општините Зрновци и Чешиново-Облешево.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне
Kocani Radio