Радио Кочани
Кочани

ЦЈЗ Кочани: Последните анализи покажуваат дека водата од градскиот водовод е исправна за пиење

553

1.Дали и колку ЦЈЗ – Кочани е надлежен за испитување на јавните водоводи во регионов?          

Контролата и мониторингот на јавните водоводи во Република Македонија се регулирани со повеќе законски и подзаконски акти. Основна законска рамка претставуваат Законот за јавно здравје и Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се утврдува обврската за обезбедување безбедна вода за пиење и следење на факторите на животната средина кои влијаат врз здравјето на населението. Согласно член 12 од Законот за заштита на населението од заразни болести, една од општите мерки за заштита, е обезбедување на безбедна вода за пиење и контрола на исправност на водата и објектите  за водоснабдување. Дополнително, Правилникот за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење ги пропишува параметрите, начинот и зачестеноста на мониторингот.

Центарот за јавно здравје Кочани има договор за редовен мониторинг и анализи на вода за пиење со ЈКПР Камена Река-М. Каменица и ЈПКР Комуналец-Пехчево.

Јавните комунални претпијатија од останатите населени места-Кочани, Виница, Берово и Делчево имаат договори со други лаборатории, но и покрај тоа Ценатрот за јавно здравје согласно Националната годишна програма за јавно здравје, врши  мониторинг на квалитетот на водата за пиење преку земање мости за микробиолошка и физичко-хемиска анализа, со цел заштита на здравјето на населението.

 2.Какви се резултатите од неодамнешните испитувања? 

Последните испитувања на водата за пиење од градскиот водовод Кочани, согласно Националната годишна програма за јавно здравје, не укажуваат на отстапувања од пропишаните параметри за квалитет на водата за пиење, но бројот на анализи кои ги правиме согласно оваа програма не е доволен за да гараниираме за нејзината безбедност во континуитет.

3.Кои други извори што ги користат граѓаните се во ваша надлежност?     

 Покрај јавните водоводи, Центрот за јавно здравје Кочани  врши мониторинаг и на јавни извори на вода што ги користат граѓаните согласно  годишни програми и склушени договори со општините. ЦЈЗ Кочани го следи квалитетот на водата за пиење од 4 јавни изворишта на подрачјето на Кочани (Усова чешма, Белска чешма, Минова чешма и помпата кај Бавчалак.

 4.Можат ли граѓаните да поднесат барање за индивидуално испитување на водата за пиење?     

Да, граѓаните можат да поднеста барање за испитување на вода за пиење до  надлежниот Центар за јавно здравје.

Оваа услуга е достапна  за сите заинересирани граѓани и правни субјекти, согласно  важечите прописи и ценовникот на здравствената установа.

 За крај, која е вашата порака за користење на исправна и здрава вода за пиење?       

Безбедната  и здравствено исправна вода за пиење е основен предуслов за зачувување на здравјето на секој поединец и на заедницата.

Затоа, апелирам до граѓаните да користат вода од контролирани извори, а при секој сомнеж во нејзиниот квалитет да се обратат до надлежниот Центар за јавно здравје. Центрите за јавно здравје со нивната институционална стабилност, обучен кадар и методолошки континуитет, претставуваат клучен столб за заштита  здравјето на населението и превенција од здравствени ризици поврзани со водата.

Ова за Радио Кочани  го истакна д-р Елена Тортевска Данилов, Специјалист по хигиена и здравствена екологија, Раководител на Одделение за санитарно хигиенска дејност со здравствена екологија

ЈЗУ Центар за јавно здравје Кочани

 

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio