Радио Кочани
Кочани

Секое рочиште е нова траума за „Пулс“: Солзи, потресни сведоштва и борба за правда

501

На 24 април 2026 година, на многумина им требаше многу сила и храброст да го почнат денот. Стартуваше судењето за трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, во која беа изгубени 63 млади животи, а над 200 беа повредени. Родителите на починатите деца, во големата судница во скопско Идризово, веројатно за првпат се најдоа очи в очи со сопствениците на дискотеката и сите инволвирани.

Повеќе од една година се чекаше судење, кое како што одминуваше, се откриваа многу болни детали од трагедијата и последните мигови од животот на жртвите. Исказите се болни не само за родителите и најблиските, туку и за целото македонско општество, кое слушаше за сомнение за корупција, за тоа како надлежните не постапиле, како еден објект за забава бил објект за масовна негрижа.

Судење што ја отвора најголемата национална траума

Вкупно 34 физички лица и други три правни лица се на листата на обвинети, а до сега се одржани 54 судски рочишта или од април па до сега, се одржувале меѓу три и шест судења. На 12 август е закажано ново рочиште.

Сепак, се чини, процесот е далеку од пресуда. Поради големината на обвинителниот акт и големиот број на обвинети, судската постапка, што ја води судијката Дијана Груевска-Илиевска е исклучително комплексна. Дури 13 обвинители го застапуваат обвинението, секој во различен аспект на предметот. Паралелно се водат и посебни процеси, вклучително судење против 13 полициски службеници во Основниот кривичен суд Скопје, каде судијка на тој предмет е Фанка Јанчулева‑Михаиловска.

Овој судски процес за многу професионалци е голем предизвик. Вклучително и за новинарите, кои од рочиште во рочиште добиваат по парче слика од една од најголемите македонски трагедии. Новинарот на Бирн, Васко Маглешев има долгогодишно искуство на судски известувач и е одличен познавач на судството, но овој пат, со ова судење, како што вели, ги задржувал солзите на очи, воздржувајќи се да не излезе од судницата.

-Верувајте дека е многу траорно, вознемирувачки да седите веднаш до родителите коишто ги загубиле нивните деца во пожарот во Кочани и притоа да останете присебен, да останете во иста мера и емпатичен, исто чувствителен кон нив, а самиот извештај да биде  објективен, да биде во таа смисла непристрасен и на некаков начин да ја отсликува објективната стварност таква каква што е во самата судница, вели Маглешев.

Фото: Вангел Тануровски

Како да се остане објективен кога сведоштвата ја потресуваат јавноста

За Маглешев токму ова е еден од најголемите предизвици, што е многу поралично од следењето на пример на судење за финансиски злоупотреби и со криминалитет од друга природа.

-Но, кога во живо во судница ќе слушнете потресни зборови на мајка којашто вели дека морала да ги обраќа мртвите тела пред дискотеката за да познае дали таму е нејзиниот син и во овој момент кај мене предизвикува чувство на а вознемиреност и ми се чини дека тој образец во којшто вие буквално седите на едно место и слушате со часови како одредени учесници практично коишто биле и самите присутни на самиот пожар раскажуваат во детали што се случувало од минута во минута, раскажуваат каква била бојата на кожата на нивните најблиски кога ги виделе дека се во несвесна состојба и така натаму. Навистина самите по себе не можат, ми се чини, никого да остават рамнодушен, сведочи Маглешев.

Судењето го следат екипи на ОБСЕ, доаѓаат и претставници на амбасади, а редовно се менуваат и граѓански активисти од тнр, Блупринт група. Бројни се новинарските екипи. Од телевизијата Телма, како што кажа Билјана Николова, се менуваат неколку колеги новинари, токму и поради психолошкиот притисок што го носи судење. Предизвикот е да се остане објективен и да не се дозволи емоциите да понесат.

– Кога седите рамо до рамо до до родителите на жртвите сепак и не е така лесно да се известува. Од друга страна можевме да слушнеме многу сведочења коишто исто така беа многу потресни. Можевме да видиме фотографии од увиди со лични работи на жртвите, со делови од човечки тела. Тоа го гледаа и самите родители и беше навистина навистина тешко да се да се известува од таму, рече Николовска.

Обвинителството молчи, одбраната го гради наративот

Тешко е и во две телевизиски и радио минути да се сместат сите тие човечки судбини и настаните, на кои обвинението се навраќа 12 години наназад. Пред судот се изведуваат материјални докази како урбанистички и геодетски елаборати, барања за легализација, договори за закуп, записници од инспекции, фотографии од внатрешноста по реновирањето, документи од обезбедувањето и претреси. Во медицинските и форензичките докази се обдукциските извештаи и вештачења за повредените и починатите, па слушнавме дека обдукциите укажуваат оти смртта е насилна, често од труење со јаглероден моноксид, слушавме и за труење со цијанид.

Адвокатите – бранители на обвинетите се гласни во јавноста, настапуваат во емисии, кажуваат ставови во обид да ја освојат јавноста во прилог на нивните клиенти. За разлика од нив – другата страна на обвинителите и судот не ја гледаме така често. Пред почетокот на судењето се одржа еден брифинг за новинарите и толку. Николова и Маглешев се согласни дека во јавноста недостасува и таа страна, особено што се работи за предмет од висок интерес на јавноста.

Комплексен предмет со 13 обвинители и докази за 12 години наназад

– Обвинението го застапуваат 13 обвинители и ниту еден досега не се охрабри да излезе јавно да проговори и да го застапи таквото обвинение коешто од почетокот беше на критики на многу експерти на одбраната се разбира и имам впечаток дека како Обвинителството да сака да каже да зошто е такво обвинението, но од друга страна нема храброст да излезе пред јавноста, вели Николова

Маглешев оценува дека не мора да излегуваат обвинителите или судот по секое рочиште, меѓутоа, треба секоагаш кога има доволен квантум на информации да се излезе во јавноста и да се раскаже теоријата на случајот.

-Јас не се сеќавам дека во последните неколку месеци потписникот на обвинител на обвинителниот акт а, тоа е кочанскиот обвинител, дека дал некаква изјава за медиумите во којашто практично ја објаснува теоријата на самото Обвинителство, иако во самиот обвинителен акт се наведени сите дејствија коишто стојат им се ставаат на товар на обвинетите. Но, треба да имаме предвид дека тоа што се случува во судницата го гледаат само оние што се присутни таму. Целокупната јавност треба да има малку подлабок видик во начинот на којшто се изведуваат доказите и во докажувањето на теоријата на случајот. Бидејќи во спротивно се остава впечаток дека наративот во јавноста го гради само одбраната преку нивните бранители односно адвокати, а обвинителството како да го нема во оваа приказна, вели Маглешев.

Досегашната оценка за текот на судењето е дека се води коректно, има редовен тек, со повремени забелешки за емотивните испади на родителите, што е сосема очекувано.

-Обвинителството барем во досегашниот тек на постапката покажа дека се направени  пропусти во начинот на којшто е организирана самата дискотека и начинот на работа. А и претежно фокусот е на безбедносните протоколи коишто не постоеле и така натаму во смисла на систем за противпожарна заштита. Практично тезата на Обвинителството дека станува збор за објект којшто буквално од самиот почеток па натаму бил една импровизација и бидејќи станува збор за долг временски период и тоа би сакал да го нагласам дека ние имаме една теорија на случаи можеби за првпат во македонското правосудство дека имаме еден континуитет од 12 односно 13 години на дејствие наназад, рече Маглешев.

Правда во разумен рок или судење што ќе трае со години?

Оценките се дека следува потешкиот дел, со многу вкрстени прашања, со детали за случувањата во опфанатиот подолг период.

Тона Карева Талеска од Блупринт групата вели дека поради обемноста на предметот, впечатокот е дека се работи за бавен процес. За очекување е и дека ќе трае долго.

-Во редот што би очекувале да се одвива, но сепак мора да истакнеме дека со оглед на обемноста на односно големината на обвинителниот акт и многуте обвинети, секако дека постапката трае долго и се очекува да трае долго, и дека сето тоа дава чувство на бавна постапка, изјави Карева Талеска.

Во календарот на судења, веќе се закажани нови 14 рочишта, од кои по четири во август и септември, пет во октомври и засега едно во ноември. Но, дали судењето ќе има разумен рок, со оглед на обемноста?! Друг момент е дека судијката што го води предметот е на неполни три години пред пензија, а според законот, со нејзината евентуална смена, целиот процес почнува од почеток.

Семејствата не се откажуваат: „За нас ова не е предмет, туку 63 недочекани враќања дома“

Во првите изјави на семејствата на загинатите организирани во здружение на граѓани, кое го носи името на кобниот ден – „16-ти март 2025“- беше искажана надежта за правда на која нема да чекаат со години. Луѓето, кои 16 месеци ја чекаат правдата за своите најмили, будно ги следат сите рочишта и присутни во салата во Идризово како јавност. Токму таму во неколку наврати членовите на семејствата беа мета на дофрлања од обвинетите дека тие се одговорни за смртта на своите деца, што предизвикуваше бурни реакции од семејствата, но и предупредувања од судот дека можат да бидат отстранети од судницата.

Своите забелешки на судскиот процес, на инволвираните институции, на обвинетите и нивната одбрана ги изразуваат на мирни протести насловени како „Марш за ангелите“. До 18-ти јули одржани се вкупно 47 вакви маршеви, најчесто во Кочани.

Семејствата сметаат дека одговорноста, освен кај најодговорните во работењето на дискотеката на смртта, треба да се бара и кај сите алки кои со своето коруптивно однесување или со своето несовесно вршење на работата овозможиле да се случи 16-ти март.

За потсетување, во случен случај судењето за пожарот во дискотеката „Колектив“ во Букурешт (Романија), во кој загинаа 64 лица, а 180 беа повредени, траеше повеќе од шест години, од 2016 до 2022 година, со бројни одложувања и жалбени постапки. Конечно, во мај 2022 година Апелациониот суд во Букурешт донесе правосилни пресуди против сопствениците на клубот, општинскиот инспектор и други одговорни лица.

И тука се работеше за обемен случај, со многу обвинети од сопственици, инспектори до фирми, при што секој обвинет поднесуваше жалби, што ја продолжуваше процедурата. Романскиот судски систем се соочи со недостаток на капацитети како и политички притисоци.

В.К. – М.К.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio