Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Почина Митко Бојаџиев – долгогодишен спортски работник и организатор на Илинденските спортски игри во Чешиново
По кратко боледување, на 53-годишна возраст почина Митко Бојаџиев, истакнат спортски работник и долгогодишен активен член на фудбалската заедница. Бојаџиев беше поранешен фудбалер, долгогодишен организатор на Илинденските спортски игри во Чешиново, основач и претседател на Фудбалскиот клуб „Чешиново 2015“, делегат во Првата македонска фудбалска лига, како и член на Управниот одбор на Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани.
Со својата посветеност, искреност и несебичен ангажман остави длабока трага во развојот на фудбалот и спортскиот живот во регионот.
Неговиот придонес ќе остане трајно запаметен, а споменот за него ќе живее преку делата што ги остави зад себе и луѓето што ги инспирираше.
Во објава, Организациониот одбор на Илинденските спортски игри од село Чешиново изрази искрено сочувство до семејството, роднините, пријателите и сите кои имаа чест да соработуваат со него.
„Почивај во мир, Митко. Вечна ти слава и благодарност за сè“, стои во пораката на Организациониот одбор.
