Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Владата донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за користење на вода за изградба на мала хидроелектрична централа на реката Блатешница, со што е ставена точка на долгогодишниот процес поврзан со овој проект.
На ова му претходеше официјален допис испратен во втората половина на февруари, со кој инвеститорот беше известен дека Одобрението за градење, согласно член 68 став (1) од Законот за градење, престанало да важи на 13 август 2025 година. Во дописот било наведено дека секоја евентуална градежна активност по истекот на важноста на одобрението ќе се смета за бесправно градење и ќе претставува основ за поведување соодветни законски постапки.
За оваа околност било известено и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со барање истата да биде земена предвид при одлучувањето за евентуално продолжување на договорот за концесија.
Со денешната владина одлука за едностран раскин на концесијата се заокружува уште еден значаен чекор во заштитата на јавниот интерес и природните вредности на подрачјето на Блатешница.
Одлуката следува по повеќемесечните реакции и протести на жителите на село Блатец, кои во текот на февруари годинава организираа блокади, 24-часовни стражи и протести против изградбата на малата хидроцентрала, оценувајќи дека проектот претставува закана за водоснабдувањето и животната средина.

