Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
В сабота, 4 јули, за првпат ќе се одржи FREEDOMRUN KOCHANI 2026, спортско-рекреативен настан кој уште во своето прво издание привлече повеќе од 250 учесници од Македонија и странство.
Стартот на трката е закажан во 17 часот кај Споменикот на слободата во Кочани, а натпреварувачите ќе трчаат по земјена патека долга 14 километри, која се движи северно по течението на Кочанска Река сè до браната Гратче.
Настанот не е само спортски предизвик, туку и можност за промоција на природните убавини на Кочани и неговата околина, како и поттик за рекреација, дружење и создавање позитивна атмосфера меѓу учесниците и посетителите.
Она што особено радува е фактот што околу 85 од пријавените учесници, односно околу 35 проценти, се девојки и жени, што претставува силна потврда дека интересот за спортот и здравиот начин на живот постојано расте.
На стартната линија ќе застанат учесници од речиси сите генерации – од најмладите, на само седум години, до спортски ветерани родени во 1954 и 1957 година, кои со својот пример покажуваат дека годините не се пречка за активен и здрав живот.
Меѓу учесниците ќе има врвни македонски спортисти, професионални атлетичари, рекреативци, хуманитарци, извидници и љубители на спортот.
Дел од настанот ќе биде и легендата на македонската атлетика Игор МС Јакимовски, тренер на македонскиот маратонец Дарио Ивановски, како и бројни познати тркачи и спортски ентузијасти.
Организаторот Василев за Радио Кочани истакна дека FREEDOMRUN е многу повеќе од трка.
Ова се прави искрено, од срце, за Кочани. Нашата желба е преку спортот повторно да го оживееме градот, да ги обединиме луѓето и да покажеме дека заедно можеме да создадеме убави и позитивни приказни“, вели тој, испраќајќи ја пораката #ГоСакамКочани.
Организатор на настанот е Ненад Василев, а неговата реализација е овозможена со поддршка на волонтери, локални компании, институции, спонзори и бројни граѓани кои ја препознаа идејата и несебично помогнаа во организацијата.
Секој учесник што ќе ја заврши трката ќе добие финишерски медал, додека за тројцата најдобри натпреварувачи се обезбедени пехари и ваучери од спонзорите.
По завршувањето на трката ќе следува дружење и музичка програма со познати диџеи.
Организаторите упатуваат покана до сите спортски клубови, спортски друштва, младински организации, пензионерски здруженија, рекреативци и сите граѓани да бидат дел од овој настан и да дадат поддршка на учесниците.
Ги повикуваме сите кочанчани и сите што го сакаат нашиот град да бидат добри домаќини и со своето присуство да ги охрабрат учесниците. Стартот на трката е во 17 часот кај Споменикот на слободата. Благодарност до сите поединци, компании, волонтери и поддржувачи кои помогнаа оваа идеја да стане реалност, порачува организаторот.
Амбицијата е FREEDOMRUN KOCHANI да прерасне во традиционална спортска манифестација која секоја година ќе го промовира Кочани како град на спортот, рекреацијата, природата и позитивната енергија.
