Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Видеолотарија Касинос Австрија донира специјализирано возило и заштитна опрема за пожарникарите во Кочани
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кочани ќе добие специјализирано возило и нова лична заштитна опрема благодарение на донацијата од Видеолотарија Касинос Австрија, наменета за унапредување на капацитетите за справување со пожари и други елементарни непогоди.
Со донираните средства ќе биде набавено специјализирано теренско возило кое ќе овозможи полесен пристап до тешко достапни и опожарени подрачја.
Покрај тоа, ќе се обезбедат и комплети лична заштитна опрема за пожарникарите, вклучувајќи заштитни одела, ракавици, обувки отпорни на високи температури, шлемови и друга неопходна опрема за безбедно и ефикасно интервенирање.
Од Општина Кочани истакнуваат дека донацијата значително ќе придонесе за зајакнување на оперативната подготвеност на ТППЕ, овозможувајќи побрза реакција при интервенции, поголема безбедност на пожарникарите и поефикасен транспорт на луѓе и опрема до местата каде што е потребна помош.
Изразуваме искрена благодарност до Видеолотарија Касинос Австрија за поддршката и донираните средства. Ваквите општествено одговорни иницијативи имаат значајна улога во унапредувањето на безбедноста и подготвеноста на службите кои секојдневно се грижат за заштита на граѓаните и нивниот имот, соопштија од Општина Кочани.
