Радио Кочани
Кочани

Денеска, 3 јуни, се одбележуваат 92 години од раѓањето, 20 години од смртта на големиот Анте Поповски – поет, есеист, препејувач, публицист

1,437

„Еве ја таа проста земја што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски“ –  Анте Поповски

Toj е роден на 3 јуни 1931 година во с. Лазарополе, Дебарско. Завршил Медицински факултет во Скопје и како лекар работел во Дебар.

Но, него повеќе го влечел пишаниот збор и вклучувањево во општествените текови. Бил член на Извршниот совет (Влада) на (С.Р.) Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и „Вардар филм“ во Скопје, потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, член на ДПМ (Друштво на писателите на Македонија) од 1956 година, а негов претседател во два мандата и претседател на Советот на СВП (Струшки вечери на поезијата) (1966/67 и 1978/79). Член на МАНУ (Македонска академија на науките и уметностите). Член на Македонскиот ПЕН центар. Автор е на книгите: „Одблесоци“ (поезија, 1955), „Вардар“ (поезија, 1958), „Самуил“ (поезија, 1963), „Непокор“ (поезија, 1964), „Камена“ (поезија, 1972), „Тајнопис“ (поезија, 1975), „Љубопис“ (поезија, 1980), „Родопис“ (поезија, 1981), „Сина песна“ (поезија, 1984), „Глас од дамнина“ (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986), „Ненасловена“ (поезија, 1988), „Оковано време“ (статии и коментари, 1991), „Меѓу животот и знаците“ (есеи, 1991), „Провиденија“ (поезија, 1995), „Окото, светлините“ (есеи, 1996) и последната, тестаменталната поема „Света песна“ (поезија, 2001).

Составувач е на „Светата земја на зборот“, антологија на јидиш поезијата, и на „Орфеј и Исус“ — библиски мотиви во современата македонска поезија (2000). Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија. Преведувач на автори од светската поезија и есеистика. Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ , „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Гоцева повелба“ и на Меѓународната награда за најдобра песна “Premio Europa”. Почина во Скопје, на 1 октомври 2003 година. По тој повод деновиве беше промовиран Зборник на трудови поднесени на Меѓународниот научен симпозиум „Антево дело“, одржан во Лазарополе, родното село на македонскиот поет, академик Анте Поповски. Печатењето на Зборникот е реализирано во рамките на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе