Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ престојуваше во работна посета на Општина Кочани, каде што со градоначалникот Владко Грозданов разговарaa за тековните инфраструктурни проекти, регионалниот развој, прекуграничната соработка и идните инвестиции.
На средбата беше направен преглед на реализацијата на најзначајните капитални проекти.
Во изјавата по средбата, градоначалникот Грозданов соопшти дека изградбата на источниот булевар „Тодосија Паунов“ напредува според предвидената динамика и дека веќе утре се очекува поставување на првиот слој асфалт на делницата од кружниот тек кај „Лукоил“ до бензинската станица „Макпетрол“.
Атмосферската канализација на оваа траса е целосно поставена, а во следната фаза ќе продолжи и поставувањето на дополнителната мрежа од левата страна на коловозот.
Градоначалникот го запозна министерот и со активностите за изградба на Домот за стари лица, каде што по извршените технички корекции во проектната документација се очекува наскоро да започне реализацијата, како и со проектот за повеќенаменско спортско игралиште кај браната Гратче, кој ќе се реализира преку програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија.
Градоначалникот и министерот разговарале за инвестициите за енергетска ефикасност на јавните објекти, реконструкцијата на мостот на Кочанска Река, изградбата на потисниот цевковод и подготовките за реализација на јужниот булевар.
Министерот Стоилковиќ нагласи дека Владата во изминатиот период обезбедила околу 4,65 милиони евра за реализација на три капитални проекти во Кочани преку двата јавни повика за поддршка на општините и оцени дека Општина Кочани успешно ги користи можностите што ги нудат државните и регионалните програми.
Тој посочи дека Министерството за локална самоуправа ќе продолжи активно да ја поддржува Општина Кочани, особено во подготовката на нови проекти за претстојниот повик за прекугранична соработка со Република Бугарија и во креирањето на квалитетни проектни апликации за следните владини инвестиции.
Стоилковиќ оцени дека предизвик за сите општини останува побрзата реализација на капиталните проекти, што најчесто е условено од постапките за јавни набавки, проектната документација и работата на изведувачите, поради што, како што рече, ќе биде потребна уште поинтензивна координација меѓу локалната и централната власт.
Во рамките на посетата, министерот се сретна и со дел од младите повредени во трагичниот пожар во Кочани. Тој најави дека ќе се заложи, во соработка со надлежните институции, да се обезбедат дополнителни можности за нивно лекување и реконструктивни интервенции во специјализирани здравствени установи во Белград, со цел да им се помогне во понатамошното закрепнување.
И градоначалникот Грозданов и министерот Стоилковиќ изразија уверување дека средбата ќе даде нов импулс на соработката меѓу Министерството за локална самоуправа и Општина Кочани, со заедничка цел – побрза реализација на капиталните инвестиции и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња.
ПрифаќамПовеќе