Радио Кочани
Кочани

Ангела Митевска – СПОРТОТ – ТЕМЕЛ НА ЗДРАВИОТ РАЗВОЈ

234

На Спортските терени „Покрај Масалница“ во населбата Оризари, ЗГ „Среќни луѓе“ од Кочани, го организира завршниот настан од Проектот „Спорт за здрави навики кај младите во Оризари“. Проектот е дел од „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2)“, финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Поддржан кофинансиски од Општина Кочани.


Низ проектот продефилираа над 42 учесници, со што е надминат планираниот број од 34 девојчиња и момчиња. На завршниот настан присуствуваа 33 деца, и четири најавија оправдано одсуство. Активностите организирани според програмата на тренерот Столе Тошев, се реализираше во период од шест месеци, на спортските терени и во училишната спортска сала. Целта беше на конкретен начин да им се покаже на учесниците значењето на спортот за правилниот развој на младите генерации и зошто е корисно стекнувањето здрави навики преку спортските активности, што е постигнато.
Истовремено, спортските активности одиграа значајна улога во подобрувањето на психофизичките способности кај младите, бидејќи придонесоа да се поттикне натпреварувачкиот и самодовербата, дека можат повеќе и можат подобро. Тоа е постигнато преку практицирање на атлетските дисциплини, како што се трчање на 50 метри, скок во далечина, игри со топка. Сето тоа е спроведено на спортските терени и објекти, кои претходно беа запуштени, но со делумно реновирање и присуството на децата, повторно се ставени во функција. Еден од најинтересните за децата настани, беше проектната активност на СРЦ „Пониква“ на надморска височина од 1640 метри, каде покрај спортски активности, беа посетени Манастирот „Св. Василиј Велики“, ски лифтовите и други значајни објекти.


Од големо значење се постигнатите очекувани резултати кои се согледуваат во тоа што е даден придонес децата да се оттргнат од зависноста од компјутерите и мобилните телефони Потоа, значително е подобрена нивната кондициона подготвеност, брзина и издржливост. Зајакнат е колективниот дух преку тимските игри со топка. Докторот Драганчо Тодосиов преку прегледи и мерења на функционирањето на организмот и следење на здравствената состојба на децата, го потврди позитивното влијание и развој.
Од друга страна значајно е и што со активностите на спортските терени учесниците успеаја да мотивираат и други деца, кои дополнително се вклучија во спортските активности и станаа дел од проектот.
На завршниот настан сите учесници добија Дипломи за учество и Брошура преку која се потсетија на активностите во изминатите шест месеци. Отстапена им е комплетната спортска опрема за да продолжат со активности. Фудбалските топки (10) се донирани на ОУ „К П Мисирков“ – Оризари. Во меѓувреме локално спортско здружение „Младост“ пројави интерес да формира фудбалска школа, со амбиции за неколку години да прерасне во клуб.


За истакнување е и мошне значајната улога на Општина Кочани како кофинансиер на проектот, чии претставници ги следеа активностите, како и на градоначалникот Љупчо Папазов, кој им даде целосна поддршка на младите учесници, посакувајќи многумина од нив да израснат во успешни спортисти.

ЗГ „Среќни луѓе“,
Андреј Димитров, проект менаџер

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе