Радио Кочани
Кочани

УМОТ НА ЗЕЛЕНОТО ЅВЕРЧЕ

277

Современото ,,ѕверче – функционерче”, велат добро упатените, многу внимателно се избира во тесно затворен круг.
Критериумите биле доста строги и високи. Потребен бил висок степен на лојалност, послушност, понизност, сервилност, патолошка амбициозност, арогантност, домашна невоспитаност…….За големи предности се сметале анонимноста во јавноста и во дејноста, каква е понудата на ,,стручната” соработка и ред други перформанси кои биле пожелни да се имаат во CV – то. Сепак, пресуден критериум бил степенот на ,,зеленост”.

Нели, во мода е да си зелен. Па, макар и да си со зелен ум. Истовремено, требало да бидат задоволувачки и строгите критериуми надвор од затворениот круг. Да се има имиџ на модерен ѕвер: лични комплекси и фрустрации, самобендисаност, високо дозирана арогантност, дискутабилна самодоверба, вештини за создавање конфликти, лажна искреност, вештачко набилдано реноме, бескрупулозност, интригантност, способност за елиминација на се што е добро и успешно, голема способност за нарушување на меѓучовечките односи, домашна подготовка за секаков вид насилство ( и вербално и психичко и физичко) и најважното од се: требало да се има моќна елоквентнтност.


Но, не обична. Туку вокабулар полн со гадости…..упс…..простотии….упс….отровни зборови …..упс….пламени јазици….упс……….
Стил на современ интелектуалец.
Еееех….Колку многу строги критериуми.
Какви тешки маки имале тие што избирале. Колку поголем бил бројот на потенцијалните ,, ѕверчиња – функционерчиња”, толку изборот бил полесен. И обратно, колку бил помал, толку бил потежок изборот, де. Ама, затоа, нивниот избор бил толку многу внимателно направен, исто како што се избира бостан на пазар.
А, од надвор секој бостан е зелен, ама внатре не е. Затоа, зрелоста на бостанот се проценува со удирање чврги. А за ,, ѕверче – функционерче”, така се утврдувал степенот на зеленост.

Презреаниот бостан не е најдобар. Мора брзо да се изеде или фрли. Зрелиот бостан е најубав. Ама и најкорисен. И, многууууу ретко го избираат. Случајно или не, го избегнуваат. Зелениот бостан е најпривлечен, оти на јако сонце можеби ќе дозрее. Ако дозрее!!!!! Можеби е вреден за обид за дозревање, а можеби и не е.
Така е и со зелените ,,ѕверчиња – функционерчиња”. Убедливо најпривлечни. Лесно подложни на зорле зреење. И којзнае, можеби ќе се случи чудо. И при зорле зреење, никогаш да не созреат внатре. Иако, од надвор имаат убава и впечатлива боја, која гарантира зрелост.

Ех, во ова време – невреме, во оваа чудна земја во која ни Алиса не би посакала да залута, за чудо се смета зеленото ,, ѕверче – функционерче”. Ама, Алиса не знае дека за поголемо чудо се смета нивниот избор. Ниту пак, дека тие со својата ” зеленост”, не ја позеленуваат тревата, туку ја сушат. И каде и да поминат трева веќе не расте. Кој знае, ако Алиса сепак залута, можеби ќе и биде интересно во земјата на чудно избраните ,,ѕверчиња – функционерчиња”.

Сезоната на бостанот заврши. Ама сега, на раат можеме да се сладиме со плодовите на ,,зелените ѕверови”. Зимата е на прагот. Бостан нема. Ама, има зелени ,,ѕверчиња – функционерчиња”, кои и под зраците на јакото сонце и по неколку летни сезони, уште не дозреале од внатре.


Но, ако не сте љубители на зелен бостан, тогаш уживајте во гледањето на убавите зелени терени на Светското фудбалско првенство. Тоа зеленило е пријатно. Затоа, само овој ладен месец, одморете си го видот со пријатното природно зеленило, како за промена од непријатната ,,зеленост” која зрачи околу Вас.

Совет за Алиса: За бостанот немој да имаш дилеми, од надвор треба да се зелени. А, ,,ѕверот”, од надвор е фарбан со други убави бои. Ама, затоа, со една чврга, лесно ќе му го одредиш степенот на зеленост од внатре. Од ударот на чвргата, веднаш од устата му извираат зелени бисери.

п.с. Зелената боја на тревата го одмара видот на луѓето. Зелениот бостан го заморува дигестивниот систем во организмот на луѓето, го накиселува . А, зеленото ,,ѕверче – функционерче”, прави р’шум на се околу себе.

м-р Габриела Стефановска,
обичен културен работник

 

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе