Радио Кочани
Кочани

Хуманоста на дело: Паулина Маказлиева од Англија донираше медицинска помош за Општата болница во Кочани

327

Младата Паулина Маказлиева која е родена и живее во Англија, а потекнува од Македонија, на почетокот на годината организираше хуманитарна акција со цел собирање донации за Општата болница во Кочани сакајќи да ја одбележи годишнината од трагедијата што се случи во тој град на начин што ќе мотивира и инспирира емпатија, поддршка и помош на настраданите во трагедијата.
Хуманитарната кампања наиде на одличен одѕив како во Англија, така и во Македонија, така што целта за кратко време беше остварена. Во соработка со болницата во Кочани, беше набавена медицинска помош во форма на соодветни препарати за рехабилитација на повредените, која Паулина Маказлиева лично ја достави во болницата, посакувајќи што побрзо закрепнување на сите млади што се справуваат со здравствените последици и предизвици од кобната ноќ.

 


Во името на болницата во Кочани, донацијата ја прими директорката Катерина Паниќ, со искрена благодарност кон сите што дадоа поддршка на оваа иницијатива, а особено кон Паулина за идејата и успешната реализација.

– Оваа хуманитарна кампања на моја голема радост заврши успешно – изјави Паулина Маказлиева – сакам да ја изразам мојата најдлабока благодарност до сите што дадоа поддршка. Заедно направивме вистинска разлика и помогнавме да се снабди болницата со тоа што е потребно и неопходно. Јас само можам да ветам дека ќе продолжам посветено да работам на идни хуманитарни проекти, живеејќи преку верата, споделувајќи ја Божјата љубов и стремејќи се да бидам најдобрата верзија од себе. На моите врсници сакам да им порачам дека ние сме следната генерација и имаме моќ да создадеме посветла иднина помагајќи си едни на други, додека се сеќаваме на оние што биле пред нас. Благодарна сум на сите што ми помогнаа со сето срце. Господ да ве благослови. Јас знам дека никогаш нема да се откажам да се борам за високи, хумани општествени цели, не се откажувајте и вие, да продолжиме заедно напред во борбата за поубаво, похумано и поемпатично општество. Заедно можеме повеќе и подобро.

– Донираната помош ќе биде внимателно распределена таму каде што е најпотребно и ќе помогне во закрепнувањето на многу млади луѓе што храбро се борат со вонредните животни предизвици повеќе од една година – ни рече директорката Катерина Паниќ – за мене сите тие се херои и моја голема гордост, затоа што со секој нов ден извојувуваат нова победа над суровата реалност, продолжувајќи да се борат за својата иднина, за своите соништа, кои може да ги сонува само младоста. За среќа постојат млади луѓе со висока емпатија, како што е Паулина Маказлиева, која покажа и докажа со својата успешна хуманитарна мисија дека сѐ е можно кога искрено се сака. На сите им посакувам многу среќа, радости и животни успеси.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio