Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Кочани засега го доби само спомен-крстот посветен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, додека за уште два меморијални проекта – „Патека на бесконечноста“ во Стариот парк и монументот „Ангели“ на Пониква – се водат подготовки и тие сè уште не се реализирани.
На кружниот тек на западниот влез во Кочани, во непосредна близина на хотелот „Национал“, на 10 јули беше поставен челичниот крст, кој е првото реализирано спомен-обележје во чест на жртвите од трагедијата. Одлуката за негово поставување ја донесе Советот на Општина Кочани во февруари годинава, по иницијатива на митрополитот Брегалнички г. Иларион.
Крстот е висок 17 метри, широк 12 метри и претставува челична конструкција. Тој беше осветен на 12 јули, на празникот Петровден – духовен патрон на Кочани, од страна на митрополитот Иларион и свештенослужители од Брегалничката епархија.
Вредноста на проектот изнесува околу 10.000 евра, а средствата ги обезбедија општествено одговорни компании. Покрај крстот, во тек се подготовки за реализација на уште два меморијални проекти.

Првиот е меморијалниот проект „Патека на бесконечноста“, кој треба да биде изграден во Стариот парк во Кочани. Во февруари годинава Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ доби официјална одлука од Општина Кочани за користење простор од 1.035 квадратни метри, меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“, за изградба на спомен-обележјето.
Проектот предвидува уредување на дел од паркот како меморијален простор исполнет со зеленило, тишина и места за оддавање почит. Централниот елемент е патека во форма на знакот за бесконечност (∞), изработена од природен камен или бел мермер со нелизгачка површина и пристапна за сите посетители.
Во меморијалниот дел се предвидени седум мермерни плочи со имињата на жртвите и годината на раѓање, дискретно подно осветлување што симболично ќе претставува „63 тивки светлини“, како и фонтана со скулптура на Богородица, замислена како простор за молитва и утеха.

Предвиден е и централен простор за полагање свежо цвеќе, а целиот комплекс ќе остане отворен, без огради и со зачувување на постојното зеленило.

Вториот проект е монументот „Ангели“, кој треба да биде изграден на планината Пониква, во близина на локалитетот Аеродром. Техничкиот проект беше изготвен на 14 јули 2025 година. Според проектната документација, меморијалниот комплекс ќе зафаќа површина од 30 на 40 метри.
Во неговиот централен дел ќе биде поставен метален столб висок девет метри, а предвидена е изградба и на мал параклис, поставување клупи и хортикултурно уредување со засадување дрвја.
Идејата за монументот е на Тошо Антов, татко кој ја загуби својата единствена ќерка во трагедијата. Тој изјави дека Здружението веќе добило согласност од Јавното претпријатие за државни патишта, бидејќи меморијалот ќе се наоѓа во непосредна близина на регионален пат.

Трите иницијативи имаат заедничка цел – трајно да го зачуваат споменот на жртвите од најголемата трагедија во поновата историја на земјата.
Сепак, засега единствено реализирано спомен-обележје е крстот на западниот влез во Кочани, додека „Патека на бесконечноста“ и монументот „Ангели“ остануваат во фаза на подготовка и очекуваат реализација.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.

