Радио Кочани
Кочани

Враќањето на изгледот на повредените во „Пулс“ е еден сегмент, другиот е прифаќањето од заедницата и најблиските“ – со д-р Маја Аргирова од „Пирогов“

655

Враќањето на изгледот на повредените во „Пулс“ е еден сегмент, другиот е прифаќањето од заедницата и најблиските“ – со д-р Маја Аргирова од „Пирогов“

Болницата „Пирогов“ од Софија, Бугарија беше меѓу првите странски болници кои ги прифатија најтешко повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Тимот на професорката Маја Аргирова се соочи со сериозен предизвик – да ги одржи во живот младите, а потоа и да им го врати изгледот, со оглед на тоа дека кај нив беа зафатени главно главата, вратот и рацете.

Од овој аспект, по повеќе од една година и пол, професорката Аргирова вели дека тоа беше тежок физички, а пред сè психички напор за тимот.

Шесте најтешко повредени пациенти продолжија да се лекуваат во „Пирогов“, а пред нив се реконструктивните операции, кои во процесот на лекувањето се случуваат на крај, бидејќи, како што вели д-р Аргирова, лузните треба доволно да созреат.

Тие редовно доаѓаат на контролни прегледи и сè што е потребно за нивното закрепнување – и во естетска смисла, и во функционална – ние го правиме. Така што веќе започнаа таканаречените реконструктивни операции за враќање на нивниот нормален изглед. А бидејќи тоа се млади луѓе, тие инсистираат, се разбира, да изгледаат добро. Ние правиме сè што е можно за да бидат нормално социјално адаптирани, да не бидат психо-емоционално потиснати и да можат да живеат нормален живот во средината во која се навикнати, објаснува д-р Аргирова.

Еден од шесте пациенти кои доаѓаа во софиската болница веќе целосно го заврши лекувањето по неколкуте оперативни интервенции поврзани со долгорочните лузни. Но, останатите пет млади пациенти остануваат грижа на тимот на д-р Аргирова.

Веќе се направени реконструктивни операции кај сите нив и, за среќа, со многу добри резултати. Им претстојат нови операции, бидејќи изгорениците беа длабоки и зафатија видливи делови – горни екстремитети, лице, врат – што наложува повеќе етапи на лекување. Чекавме да помине максималниот период на зреење на лузните, па реконструктивните операции започнаа една година подоцна. Секој има завршено по една етапа, во зависност од засегнатите зони, а планирани се нови интервенции во наредните месеци, како и наесен. Работиме индивидуално, се прилагодуваме на нивните лични обврски – тоа се млади луѓе кои посетуваат универзитет или училиште – и мораме да се прилагодиме на тоа, вели д-р Аргирова.

На прашањето дали се работи за комплицирани зафати и колку време ќе биде потребно за целосно да се вратат во нормален живот, д-р Маја Аргирова проценува дека тоа ќе се случи до следната година, кога ќе можат да се сметаат за целосно закрепнати. За тоа, како што објаснува, се потребни многу трпение и соодветен пристап.

Тие се исклучително дисциплинирани. Јас сум многу задоволна од контактот со нив, а и моите колеги, бидејќи строго ги извршуваат сите процедури што им се назначени, вклучително и оние што се прават дома. Посетуваат и колеги од Кочани и од Скопје, кои многу се грижат за нив – пластични хирурзи, дерматолози – прекрасни луѓе кои без надомест помагаат и работиме заедно. Одржуваме контакт, така што многу процедури се прават и во Скопје и во Кочани, но операциите главно ги вршиме ние. Тоа е и по нивно барање, бидејќи се навикнати на нас и задоволни се од резултатите, а ние најдобро ја познаваме нивната состојба. Сметам дека ќе постигнеме многу добра адаптација, кажа Аргирова.

Сепак, од стручен аспект, докторката вели дека изгорениците се траума која влијае не само врз настраданиот, туку и врз неговото семејство.

Сите тие се ангажирани во лекувањето, сите имаат нарушен начин на живот, бидејќи мора да се усогласат со нивните деца и нивните обврски во Скопје и кај нас, да ги придружуваат и да се грижат за нив. Така што страдањето беше заедничко и продолжува сè додека овие луѓе не бидат целосно закрепнати. Ние се грижиме за сите. Тие покажуваат максимално трпение и благодарност, што многу ме трогнува, додава Аргирова, според која „враќањето на изгледот на повредените во „Пулс“ е еден сегмент, другиот е прифаќањето од заедницата и најблиските“.

Навраќајќи се на трагичниот ден – 16 март 2025 година – и деновите потоа, за тимот на Аргирова и болницата „Пирогов“ тоа не беше прва масовна траума со голем број пациенти. Но, за првпат се соочиле со толку многу млади повредени, меѓу кои тројца, па дури и четворица биле деца на возраст од 15 и 16 години – исклучително чувствителен период од животот.

Навистина ни беше и психолошки тешко, но имаме протокол за постапување во вакви случаи – подготвени екипи кои веднаш започнуваат со работа. Нашата хирургија е физички многу напорна, а работата беше исцрпувачка цела една недела, бидејќи сите мораа да бидат оперирани. Сите беа со длабоки изгореници и тешки оштетувања на дишниот систем поради инхалација, што создаваше огромен притисок, бидејќи на сите истовремено им беше потребна помош од истите екипи. Но, тој напор беше награден со добри резултати – не изгубивме ниту еден од нив. И целиот тој труд се заборава кога ќе се видат резултатите. Во такви моменти мобилизацијата беше исклучително голема и на вашата, и на нашата страна, а на крајот сите си ја завршивме работата, се присетува докторката.

Иако „Пирогов“, како и десетици други болници во странство, ја покажаа својата солидарност, д-р Аргирова смета дека е добро Македонија повторно да добие специјализирана болница за лекување пациенти со изгореници.

Според неа, Македонија има исклучително квалитетни специјалисти и би било штета нивното знаење и искуство да не се искористат во една современа специјализирана установа.

 „Пирогов“ секогаш ќе излезе во пресрет на ваквите пациенти, но добро е да се врати оваа специјалност во Македонија. Не се работи за огромен број пациенти, ниту е потребен голем простор. Понекогаш токму соодветното сместување и брзиот одговор се пресудни за исходот од лекувањето и судбината на пациентот.

Над 100 повредени беа транспортирани во болници во странство и токму таа брза интервенција, според лекарите, им ги спаси животите на младите кои кобната ноќ на 16 март се најдоа во дискотеката „Пулс“. Болницата „Пирогов“ лекуваше осум пациенти, додека тројца беа префрлени во Варна.

Македонски пациенти со изгореници беа згрижени и во болници во Словенија, Хрватска, Летонија, Белгија, Србија, Австрија и други земји. За жал, 63 лица го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio