Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Струмица и Кочани со Меморандум за меѓуопштинска соработка по трагедијата
Општина Струмица денеска направи значаен чекор на солидарност и поддршка кон Кочани, изразувајќи сочувство и конкретна институционална помош по неодамнешната трагедија што ја потресе оваа општина.

Во знак на заемна соработка и поддршка, градоначалникот на Струмица, заедно со в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, потпишаа Меморандум за соработка со кој Струмица ги става на располагање своите капацитети, искуство и знаење.

Покрај потпишувањето на меморандумот, најавен е и предлог за воспоставување официјална меѓуопштинска соработка што ќе биде доставен до советите на двете општини.

На средбата присуствуваа и претставници од општинските сектори за урбанизам, инспекциски служби, локален економски развој и стационарот „Лана“ од Струмица, кои ги споделија своите искуства со домаќините од Кочани.

Овие разменети информации поставуваат темели за понатамошна стратешка и практична соработка меѓу двете општини.

„Од трагедијата не треба само да жалиме, туку и да учиме, да воведеме промени и да направиме се што можеме за да не се повтори“, беше пораката што произлезе од денешната средба.

Од Општина Струмица упатија благодарност до градоначалникот на Кочани за отвореноста и за препознавањето на вредностите кои оваа општина несебично ги нуди како поддршка на своите сограѓани од истокот на државата.
