Радио Кочани
Кочани

27 денари за килограм арпа ?

1,081

Институтот за ориз од Кочани при Земјоделскиот факултет во Скопје утврдил дека реалните трошоци за производство на килограм арпа изнесуваат 27 денари. Во оваа сума се вклучени давачките за подготовка на земјоделската површина и за сеидба, за набавка на ѓубрива, заштитни препарати, воден надоместок, како и за жетва и транспорт на произведените количини.

Трошковникот за производство е утврден по барање на Министерството за земјоделство, откако по минатонеделната средба на заменик министерот Трајан Димковски со оризопроизводителите и со откупувачите беше договорено производната цена да биде основа за утврдување на откупните цени.

– Ние сме задоволни од производната цена што ја утврдил Институтот и сметаме дека таа е реална. Сепак, откупната цена треба да биде уште за 30 отсто повисока, со што ќе можеме да оствариме приход за репродукција и за да преживееме. Тоа значи дека не треба ни да се размислува за откупна цена под 30 денари за килограм арпа, а заедно со субвенциите да се стигне до прифатлив износ. Протестите и блокадите ги ставаме во мирување затоа што очекуваме дека ќе се најде заедничко решение и откупот ќе почне навреме, односно во почетокот на октомври, истакна Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.

На средбата со министерот Љупчо Николовски, што земјоделците ја имале вчера попладне, договорено е на почетокот на идната недела стручниот тим од ресорното министерство да се сретне и со претставниците на откупно-преработувачките претпријатија за да се постигне конечен договор околу откупните цени на арпата.

Оризопроизводителите биле информирани дека за оризот веќе е почната постапката да стане стратешка култура, а со што државата ќе може да го откупува за потребите на стоковите резерви

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio