Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Спроведено закопување на угинати овци во Соколарци, градоначалникот Костадинов апелираше граѓаните да бидат смирени
Во атарот меѓу селата Соколарци и Жиганци денеска беше спроведено нештетно отстранување и закопување на овци угинати од овча сипаница.
За таа цел беше ископана посебна јама, согласно пропишаните ветеринарно-здравствени мерки.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопштија дека заразата засега е потврдена само на едно одгледувалиште во селото Соколарци, во Општина Чешиново-Облешево. Станува збор за фарма со 262 овци, каде денеска беше спроведена акција за нештетно отстранување на петте угинати животни.
Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадиновски, апелираше до граѓаните да не создаваат паника и да ги почитуваат препораките на надлежните институции.
Во меѓувреме, ветеринарните служби преземаат дополнителни мерки за спречување на евентуално ширење на болеста. Благојчо Димитров, кој одгледува кози во соседното село Жиганци, изјави дека од неговите животни биле земени примероци за лабораториски анализи, со цел да се утврди нивната здравствена состојба.
Според најновите податоци на АХВ, од почетокот на годината до вчера се регистрирани 10 жаришта на овча и козја сипаница на фарми со вкупно 1.491 животно. Заклучно со вчерашниот ден, поради потврдени случаи на болеста, убиени и нештетно отстранети се 1.125 овци и кози од одгледувалишта во општините Куманово, Делчево и Свети Николе.
Првите случаи на болеста годинава беа регистрирани во кумановскиот регион, а во последните денови заразата е потврдена и во Општина Чешиново-Облешево, каде надлежните институции продолжуваат со засилен надзор и спроведување на превентивните мерки.
