Радио Кочани
Кочани

Почина Владо Јаневски – македонската музика остана без својот најголем романтичар

430

Македонската музичка сцена вечерва ја потресе веста за смртта на легендарниот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски, кој почина на 66-годишна возраст по кратко боледување на една од скопските клиники.

Со неговото заминување, Македонија загуби еден од највлијателните и најпочитувани автори и изведувачи, чии песни повеќе од три децении беа дел од животот на неколку генерации.

Роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, Јаневски дипломирал на Филолошкиот факултет на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Пред успешната соло кариера настапувал со групите „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а покрај препознатливиот вокал, бил и одличен музичар кој свирел клавир, гитара и тапани.

Во неговата богата кариера создаде безвременски хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“, песни кои и денес имаат посебно место во македонската музичка ризница.

Особено значаен момент во неговата кариера беше 1998 година, кога стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, настапувајќи со песната „Не зори зоро“.

Во текот на својата кариера објави шест студиски албуми и настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, оставајќи неизбришлива трага на македонската поп-музичка сцена.

Смртта на Владо Јаневски претставува голема загуба за македонската култура и музика.

Неговите песни, емоции и авторски печат ќе продолжат да живеат преку генерациите што растеа со неговата музика.

https://www.youtube.com/watch?v=qYl4EG7wm_E&list=RDqYl4EG7wm_E&start_radio=1

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio