Радио Кочани
Кочани

Фирмите во Виница минатата година направија над 340 милиони евра вкупен приход

278

Мала по население, но голема по бизнис. Виница, град со околу 10 илјади жители, во 2025 година генерирала повеќе од 340 милиони евра вкупен приход и уште еднаш покажува дека економската сила не зависи секогаш од големината на градот.

Зад градот што најчесто се препознава по Виничкото Кале, земјоделството и традицијата, стои стопанство што генерира стотици милиони евра приход и во кое успешно функционираат компании од различни дејности – од трговија со горива и кондиторска индустрија, до производство на мебел, градежни материјали, хартија и картон.

Според податоците што ги анализираше порталот Пари од Бизнис Мрежа, во 2025 година вкупно 452 трговски друштва од Виница оствариле приход од 341,4 милиони евра, што претставува раст од 6,39 насто во однос на претходната година.

Истовремено, вкупната добивка изнесувала 13,7 милиони евра, практично на истото ниво како и во 2024 година, со минимален пад од 0,15 насто.

Тоа значи дека локалната економија продолжува да расте по обем, но профитабилноста сè потешко го следи тој раст.

Особено е впечатливо што десетте најголеми компании во Виница сами генерираат приход од 264,6 милиони евра.

Или, поинаку кажано, на нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од вкупниот приход во општината.

Тоа покажува дека економската слика во голема мера ја создаваат неколку силни компании, предводени од нафтениот бизнис, кондиторската индустрија и трговијата.

ДАДИ ОИЛ И ПОНАТАМУ НЕМА ВИСТИНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

Кога станува збор за приходот, Виница има апсолутен лидер. Дади Оил и во 2025 година останува убедливо најголемата компанија во општината со приход од 140,1 милион евра. Самостојно, оваа компанија создава повеќе од половина од приходот на десетте најголеми фирми во Виница, што доволно зборува за нејзината доминантна позиција.

Веднаш зад неа е Макпрогрес, производителот на добро познатите кондиторски брендови Винчини, кој остварил приход од 41,4 милиони евра.

Иако разликата меѓу двете компании е огромна, Макпрогрес има значително побрз раст – приходот е зголемен за 15,45 насто, што е речиси трипати повеќе од растот на Дади Оил.

На врвот е и Дади-Компани со 33,9 милиони евра, компанија што е во сопственост на Дади Оил, со дејност трговија на мало co моторни горива и мазива. Според овие податоци, трите водечки компании заедно генерираат над 215 милиони евра приход. Практично, тие сами ја создаваат главната економска тежина на Виница.

Меѓу компаниите со најсилен раст се издвојува Мебел Ви Бранко, каде што приходот е зголемен за 16,23 насто и достигнал 9,2 милиони евра.

Солидни резултати има и Ирибов МК со раст од 11,45 насто, како и Партнер со 9,32 насто.

Од друга страна, пад на приходите бележат Винербергер и Термостил Даниел.

Производителот на цигли и градежни материјали Винербергер има намалување од 9,18 насто, додека Термостил Даниел е во минус од 8,21 насто. Сепак, и покрај тоа, двете компании остануваат меѓу најголемите во локалната економија.

Извор: Бизнис Мрежа

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio