Радио Кочани
Кочани

Промовирана „Сите бои на виножитото“ – она што Данило Коцевски е за Скопје, Киро Герасимов е за Кочани

105

Книгата „Сите бои на виножитото“, во која се говори за новинарот на МРТ и хроничар на Кочани, Киро Герасимов, синоќа во Библиотеката „Искра“ ја доживеа својата промоција. Публикацијата е биографски труд подготвен и напишан од Славица Цветкова, пријателка, колешка, соработничка на Герасимов,  и од неговата внука, Розе Д. Петрова.

„Сите бои на виножитото“ обилува со содржини и фотографии кои на убав начин го отсликуваат Герасимов и она што тој го работел уште како ученик, студент, драмски аматер, поет, истражувач,  приредувач, публицист, пишувач на сценарија, преведувач, новинар хроничар…

-Контурите на книгата тој сам си ги постави на крајот од својот живот. Ми остави аманет да направам  вакво нешто и тоа е направено со помош на Славица Цветкова, која го познава многу добро, затоа што заедно имаат работено долга низа години, рече на промоцијата Розе Д.Петрова, коавтор и внука на Киро Герасимов.

-Името „Сите бои на виножитото“ претставува симболика во поглед на разновидноста на неговото творештво и активности, на разноликоста на она што го создавал. Самиот Герасимов го има зацртано тоа име, појасни Славица Цветкова, вториот автор на книгата, роднокрајна писателка, новинарка, блиска соработничка на Киро Герасимов.

Во публикацијата е поместена и неговата библиографија, сето она што тој го напишал и создал  во текот на животот –  стотина трудови потпишани од него. На десетина страници поместени се и кажувања од негови колеги од Македонија и странство за  поривот кај него за создавање вредности што се потсетник  за луѓе и случувања  од одреден период

Киро Герасимов, беше кажано од присутни интелектуалци на промоција, за Кочани е она што Данило Коцевски претставува  за Скопје.

Киро Герасимов почина на 17 мај 2022 година во својот дом во Доклевското маало во 71 – година. Работниот век го помина во МРТ, иако краток период беше и директор на тогаш Домот на културата  „Бели мугри“ и наставник во основно училиште. Негова „прва љубов“,  како што самиот велеше, е Радио Кочани.

Издавач на публикацијата „Сите бои на виножитото“ е Печатницата „Европа 92“, отпечатена е во 200 примерока.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio