Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во Кочани се одржа ретроспективната изложба „Бучава што создава идентитет“, посветена на 60 години македонска рок култура
Во просториите на НУ ЦК „Бели Мугри“ – Кочани, на 21 ноември се одржа ретроспективната изложба „Бучава што создава идентитет“, посветена на шест децении македонска рок култура, музика и поезија (1963–2023). Изложбата понуди визуелен и документарен пресек на развојот на македонската рок сцена преку внимателно селектирани фотографии од легендарни бендови, портрети на фронтмени и рачно испишани текстови од познати песни. Поставките го доловија духот на различните генерации што ја градеа оваа музичка традиција, прикажувајќи автентични материјали кои ја носат енергијата и естетиката на епохите што го обликуваа македонскиот рок. Сите фотографии беа поставени на канвас, а текстовите од песните беа презентирани во нивна оригинална форма – онака како што биле напишани од музичарите, фотокопирани и изложени во рамки. Комбинацијата од визуелни материјали, музички елементи и документарни содржини им овозможи на посетителите ретко и интимно доживување на развојот на македонската рок сцена. Настанот беше дел од пошироките активности за зачувување и валоризација на македонското музичко наследство, привлекувајќи голем број љубители на рок музиката и културната историја.
Д.Михајлов
