Радио Кочани
Кочани

КПС „Осоговски Орел“: 235 лица учествуваа на второто издание на „Гратче Треил 2025“

418

Викендов во подножјето на Осоговските Планини се одржа второто издание на планинската трка „Гратче Треил 2025“, во организација на Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ – Кочани.

Настанот привлече 235 учесници од целата држава, кои ги одмерија силите на технички предизвикувачка патека долга 19 километри со висинска разлика од 850 метри.

Трката започна од СРЦ „Бавчалук“, продолжи кон селата Црвена Нива и Лешки, со спуст кон Кочанските водопади на Голема Река, а потоа следеше траса преку локалитетот Мактеон под селото Гратче, со финиш повторно кај „Бавчалукот“.

Натпреварувачите се надминуваа во машка и женска категорија, а традиционално беа доделени и признанија за најмлад и највозрасен учесник, во чест на членовите на клубот Диме Димитријев и Ѓорги Величков, кои трагично ги загубија животите во пожарот во „Пулс“.

Нивните сопруги ги врачија наградите на добитниците – Марко Спасевски и Никола Серафимов.

Во машка конкуренција најбрз беше Ибраим Мамудов од клубот „Ултра“, кој трасата ја совлада за 1:25:30 часот.

Второпласиран со задоцнување од само 11 секунди беше Борче Христов од „Осоговски Орел“ (1:25:41), додека третото место му припадна на Златко Николов со време од 1:30:16.

Кај жените, триумфираше Марија Пеликон со резултат 1:57:13, пред Тамара Петреска (2:05:10) и Мери Шорова (2:07:39).

Настанот имаше и забавен карактер со ДЈ сетови на ДЈ Ацко и настапи на Special Selection Band и младата рок група „Немеза“ од Кочани, што создаде вистинска планинска атмосфера со спорт, музика и пријателство.

Од КПС „Осоговски Орел“ изразија благодарност до сите спонзори, волонтери и институции што помогнаа во реализацијата на трката, со порака дека нивната мисија е да го промовираат Кочани како центар на планинското трчање во Македонија.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio