Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Стопанската комора на Македонија информира дека веднаш по избивањето на големиот пожар во фабриката „Макпрогрес“ во Виница се вклучила во координацијата за справување со последиците, а биле алармирани и надлежните државни институции.
Од Комората најавија дека заедно со сопственикот на компанијата ќе биде формиран кризен штаб, со цел побрзо нормализирање на состојбата и поддршка на процесот на обновување.
Притоа беше изразено жалење за големата материјална штета и за сериозните последици врз работењето на компанијата.
Според соопштението, информацијата за пожарот до Комората стигнала вчера околу 19:20 часот, кога претседателот Бранко Азески бил контактиран од првиот човек на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов.
Веднаш по тоа била известена Владата, а премиерот и дел од министрите дале насоки за интервенција на терен.
И покрај вложените напори, три производствени погони се целосно уништени.
Од Комората потсетуваат дека „Макпрогрес“ е долгогодишен и значаен член, препознаен како еден од најуспешните македонски извозници, особено во кондиторската индустрија преку брендот „Винчини“.
Оваа компанија не е важна само за регионот и за стопанството во земјата, туку и за самата Комора, бидејќи со своите активности и ангажман континуирано придонесува за создавање подобра бизнис клима, наведуваат од институцијата.
