Радио Кочани
Кочани

Граѓани на Кочани живеат како во планинско село

1,008

Иако се наоѓа во самото градско подрачје на Кочани, населбата „Дневна нега“, која го носи името по некогашниот погон на индустрискиот гигант АТОМ, со децении е целосно заборавена од надлежните институции.

Жителите велат дека инфраструктурата е во катастрофална состојба, а условите за живот се како во рурална, планинска средина.

 „Цели 35  години чекаме нешто да се направи. Секој доаѓа, ветува, и ништо. Овде нема асфалт, нема одвод, нема ништо“, вели еден од жителите.

Преку населбата минува десниот магистрален канал, кој со својата длабочина и отворена структура претставува опасност – особено за децата, за најмалите и за домашните животни. Жителите бараат овој дел од каналот да се покрие, како што е решено на други локации во градот.

Дополнителен проблем е и неасфалтираниот крак долг околу 40 метри, кој ги поврзува улиците „Енѓелсова“ и „Ѓорѓи Пулевски“. Поради негрижата, по секој дожд улиците се полни со кал, камења и наноси кои се разлеваат по целата должина од околу 500 метри – од населбата, па се до салонот за автомобили „Аuto Welt“.

Запушените атмосферски одводи само го влошуваат проблемот, а прашината и калта се секојдневие за жителите.

„Ова не е живот. Се прашуваме дали сме во Кочани или некое планинско село. До кога вака?“  – ни рече уште еден жител од населбата.

Нивното разочарување е големо. Велат: милиони проекти се најавуваат, а реализацијата е – нула.

Додека локалните власти најавуваат нови урбани проекти, граѓаните од населбата „Дневна нега“ бараат итно решение на нивните секојдневни проблеми. Прашуваат – дали некој конечно ќе ги посети и ќе се заинтересира барем да ја разгледа оваа тематика што секојдневно ги мачи жителите?

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio