Радио Кочани
Кочани

Едни плаќат струја, други преговараат и се договараат…

342

Баш ме интересира каков договор постигнале жителите на Слупчане и ЕВН за да може екипите за електродистрибуција да влезат во селото, да го отстранат дефектот и да им стават броила за струја. Компанијата соопшти дека повторно гаранција дале сите политички партии и локалната власт, ама многу сум љубопитен што ли ветиле гаранторите на мештаните. А, штом посредувале министри, тогаш Владата треба и јавно да го објави договорот.

Каков ли договор извојуваа мештаните на Слупчане кои имаа смислено дека, ако веќе мора да плаќаат за струјата, сметките да не им бидат повисоки од 3.000 денари? Дали им ја простија досега украдената струја? Дали им е прифатено барањето џамијата да не плаќа струја? Оти трошењето струја е божја волја.

Каде научија вака да се борат? Како да ги читале стриповите за Астерикс и Обелиск од бунтовничкото галско село што се борело против Римската империја кога Цезар решил да им ги баждари броилата за струја. Или пак, можеби нивните роднини што живеат во Белгија, Швајцарија и Германија им раскажувале дека таму жителите преговараат со политичките партии кога сакаат колку сакаат да плаќаат струја. А, ако сметките за струја внесуваат неспокој во нивните животи, тогаш тие безмислосно ја уништуваат инфраструктурата на електродистрибутивната компанија. Тоа што никој ништо не им може е затоа што пијат од волшебната пијачка на локалниот партиски шериф. Партиската заштита денеска во Македонија дава многу повеќе моќ, отколку волшебната пијачка на Панорамикс во времето на Римското царство. И кога во Швајцарија роднините на слупчанци ќе предизвикаат таков дефект со што ќе оставаат осум села и граничен премин без струја, веднаш во селото доаѓаат министри и партиски функционери и заеднички дебатираат за човековите права.

И така, во современа Македонија, земја членка на НАТО, во 21 век имаме ситуација кога министерот за економија Крешник Бектеши најофицијално изјавува дека секој што троши струја треба и да си плати колку што си троши. Ајдее… Што е следно? Едукативен караван по села и градови како се плаќаат сметки за струја?

Како тргнале преговорите, наскоро може ќе побараат и на сметките за струја да пишува националност. Ем ЕВН да си знае со кого си има работа, ем со балансер, според попис, да се одмери и која националност колкава сметка треба да плаќа.
Преземено од САКАМ ДА КАЖАМ

© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе