Радио Кочани
Кочани

ФК ОСОГОВО идната година ќе прослави 100 години од постоењето. Како да му се помогне?

688

Хајдук од Сплит беше еден од четирите најголеми клубови во поранешна Југославија.

По распадот на СФРЈ, Хајдук ја задржа популарноста и тоа е клубот кој е гордост на Далмација. Стадионот „Пољуд“ во Сплит е убедливо најпосетуваниот во хрватското првенство, а навивачите на Хајдук покажуваат голема љубов кон клубот.

Минатата година имаше рекордни 90.000 навивачи кои платија членството во 2022 година, а со тоа дадоа и финансиска помош на клубот. Челниците на Хајдук најавија дека сакаат во 2023 година да постават рекорд и по повод 112 години од постоење на клубот да стигнат до 112.000 навивачи со членски карти.

На официјалниот сајт на Хајдук стои бројчаник, кој покажува колку членови има тимот од Сплит во 2023 година. За помалку од еден месец, односно во само 24 денови од Новата година, веќе има над 47.000 членови за Хајдук. До минатата година, члeнарината чинела минимум 100 куни, а откако од 1 јануари 2023 година, кога за официјална платежна валута во Хрватска се промовираше еврото, членарината е поставена на 20 евра. Тоа значи дека во клупската каса на Хајдук за овие 24 денови има преку 800.000 евра само од навивачите кои со членарината само ја потврдуваат љубовта кон клубот.

Оваа акција што ја прават навивачите на Хајдук делува како фантазија за македонски услови за било кој спортски колектив. Кочанскиот спортски бренд, фудбалскиот клуб Осогово, кој е во најтешката ситуација од формирањето и е дел од Третата македонска фудбалска лига, важи за клуб кој е гордост на Кочани и има верни навивачи, па треба да се разгледа една ваква иницијатива. Наместо за 20 евра, би можело да се размисли за 200 денари членарина. Кога би ја платиле само околу 1 000 фанови, тоа би биле околу 200 000 денари.

Скромна но убава помош во чекорот напред за влез во Втора македонска лига. Радио Кочани може да биде дел од една ваква организација, која би можеле да ја подржат и нашите сограѓани на привремена работа надвор од земјава, но и поуспешните кочански компании. На тој начин би се собрале уште поголеми финансии, што со сигурност ќе придонесат за поголема популарност на фудбалот и на Осогово како клуб со големо педигре уште од 1924 година. Догодина ќе прославиме голем јубилеј, 100 години од постоењето. За неколку дена ќе го прославиме и спортистот на годината, кој по долги години ни доаѓа токму од ФК Осогово. Иницијативата е на маса, останува да видиме кој и дали некој ќе ја подржи? НАПРЕД ОСОГОВО!

© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе