Радио Кочани
Кочани

Ново покачување на цената на геотермалната вода за осум отсто?

412

Управниот одбор на комуналното јавно претпријатие „Водовод” од Кочани, во чиj состав е и работната единица „Геотерма”, донесе одлука со која бара ново покачување на цената на геотермалната вода за околу осум отсто. Според одлуката, наместо досегашните 61,9 денари за кубен метар, се бара корисниците кои геотермалната вода ја употребуваат како енергенс за затоплување, во иднина да плаќаат по 66,83 денари. -Поради промена на цените на поедини калкулативни елементи кои влегуваат во структурата на цената на геотермалната вода, таа се зголемува за 4,93 денари за кубен метар. Калкулацијата за промената на цената е изработена од стручен тим на КЈП „Водовод” и е во согласност со тарифникот што е објавен во Службен весник број 24/2020, a е во примена од 1 јануари 2021 година, се истакнува во одлуката на Управниот одбор на „Водовод”. Одлуката за покачување на цената на геотермалната вода е доставена до Советот на Општина Кочани по два месеца од последното поскапување, со кое беше направено зголемување од над 83 отсто. Таквиот потег наиде на реакции кај корисниците, кои најавија откажување на договорите за користење на топлата вода. Управниот одбор на КЈП „Водовод” минатата година три пати ја менуваше одлуката со која првично бараше поскапување на геотермалната вода од 123,5 отсто, но беше одбиван од страна на општинскиот Совет, кој законски е обврзан да даде согласност за цената.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе