Радио Кочани
Кочани

Младиот стопер од Кочани со блескава иднина, профил на играч за најдобрата селекција на Македонија во наредната деценија.

4,560

Можеби за некои неочекувано, но за Јован Манев (21) секако не беше изнедување што на вчерашниот меч за Адана Демирспор против Истанбулспор доби шанса од својот стратег Винченцо Монтела, не само да биде стартер туку и да ги одигра сите 90.минути. И Македонецот не само што ги одигра, туку и блескаше на дуелот против тимот на Валон Етеми, а крајниот резултат беше 6:0 за Адана. Манев оваа шанса ја заслужи ако се знае колку напорно работеше во изминатите 7-8 месеци откако дојде во овој познат турски клуб кој сега се наоѓа при врвот на Суперлигата. Играше за младинскиот состав, играше за првиот тим во Куп натпреварите, а еве Монтела, откако ги согледа квалитетите на нашиот младински репрезентативец му даде и шанса и голема минутажа.

Утринава, откако малку “слегнаа“ емоциите по вчерашниот меч, Манев за “Спортмедиа“ изјави:

“Јас сум среќен, пресреќен за тоа како беше вчера. И тренерот Монтела не го криеше своето задоволство од мојот настап. Очекувам да ја оправдувам довербата од негова страна на секој нареден меч. Добро се чуствувам, тука во Адана Демирспор ги имам сите услови да напредувам, имаме одличен тим, сега засега се е супер. Останува само од мене напорно да работам на тренинзите“ посочи младиот дефанзивец.

Секако дека по едни вакви настапи за својот тим Јован Манев со право се надева и на повик и шанса за настап за нашата А-репрезентација и тоа на претстојните квалификации за ЕВРО 2024. Посебно сега кога стандардните стопери Дарко Велковски и Висар Муслиу имаат пад во формата поради повредите кои ги мачат подолго време.

„Како и сите, така и јас, не кријам дека сакам да играм за А-репрезентацијата на Македонија. Тоа е мојот сон. Се разбира дека само треба да продолжам со добрите игри во мојот тим и повикот ќе стигне, не се сомневам. Сепак се зависи од мене, тоа е јасно“ заклучи Манев пред кого е блескава иднина.

Инаку во медиумите во Турција веќе нашироко се пишува дека Манев е откритие на славниот Монтела. Дека Италијанецот со право верува во Македонецот, а овој на најдобар начин го потврдил својот неспорен квалитет на теренот против Истанбулспор и дека сега и Монтела и Адана Демирспор имаат и тоа каква квалитетна опција повеќе во дефанзивата. И дека Манев воодушевил со квалитетот, борбеноста, самодовербата, дека одиграл како да има 100 настапи во Суперлигата а не дека ова му бил првиот како стартер за Адана Демирспор во турската Суперлига.

Инаку да потсетиме дека по одличните изданија во таборот на Брегалница, Јован Манев минатиот јуни направи голем трансфер, за наши услови, од редовите на штипските “сини“ во Адана Демирспор.

Секако дека пред младиот стопер од Кочани е блескава иднина, профил на играч за најдобрата селекција на Македонија во наредната деценија.

Сосема за крај малку и да се пошегуваме. Имено се знае дека Монтела е Италијанец, а Македонија во квалификациите за ЕВРО 2024 игра и со „аѕурите“. Па дали Монтела го “спрема“ Македонецот да блеска токму против својата Италија?

 

Извор: Sportmedia.mk

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе