Радио Кочани
Кочани

Упикувачи за управувачи

798

Однапред им се извинувам на читателите за употребата на непристојниот вокабулар, без кој би се изгубила автентичноста и смислата на направената компарација во текстот. Ви благодарам на разбирањето.

………………………………………………………………………………………………..

Тазе управувачите, кои одлично ги усовршиле непишаните правила за тоа како се станува врвен упикувач и за таа вештина добиле тапија ( без која тешко дека ќе биле поставени за управувачи ), најчесто својата среќа наутро ја проверуваат на огледалцето во домот.

,,Огледалце, огледалце кој е најдобриот управувач? ”
Огледалцето без двоумење одговара:
,, Ти си најдобриот управувач.”

И така, гордо поставениот управувач, уште првото управувачко утро ( сосема е неважно што не знае што треба да управува, ама му е битно што напредувал во животот од ситен упикувач до штетен управувач ), во новата средина чекори во свечен шлем на главата, за да си ја заштити празнината во неа (главата) од непотребната промаја што го чека, мртов сериозен, со образ цврст како ѓон, со дигната глава и нос, демек е многу важен. За прва задачка му е зацртано да си ги пронајде сродните душички во новата средина. Оти, нели, со нив полесно ќе врви управувањето.Тие се со иста крвна група како нивната и се наоѓаат на истата бранова должина со нив.
Кој знае, може и генетскиот код да им е ист.
И за чудо, без ни малку труд, сродните душички веднаш го опкружуваат.
Откако меѓу нив ги препознава своите сродници, без дилеми го формира својот управувачки тим.

Каков перформанс……секоја чест!!!

Кога внимателно ќе се загледаш, наликуваат на рој од муви кои го почнуваат својот традиционален лет кон свежото гомце. Почнуваат со тивко зуење на свечената симфонија. Зујат ли зујат. Во ритамот на зуењето се лепат една по една на тазе гомцето. Лека, полека, речиси сите муви се сместуваат во најситните пори на гомцето, се додека не се упикаат на удобно и топло. И тогаш зуењето полека се стишува.

Колку ли е голем ќефот на управувачот? Мувите му ја свират и пеат неговата упикувачка песна. А пак мувите, уште поќефни, оти на управувачот му годи упикувањето и што пак ќе можат да бидат дел од управувачкиот пакет. Ама од сенка. А од удобна сенка, сетики, полесно се одржува свежината на новото гомце.

Каков мерак е да се слуша и гледа тој триумфален упикувачки пој и лет.

И така фино, уште од првиот ден на управувачот му тргнува работата. Муабетот со упиканите сродни душички му оди како подмачкан, уште подобро оди потсмевањето на исти работи и луѓе, работни денови исполнети со заедничко смислување на нови ѓаволштини, манипулации, далавери, интриги…… и сето тоа со редовната работна задачка, трачарењето. Се им е потаман. Управувачот, најмногу е импресиониран од тоа што секогаш, ама баш секогаш, нивните сродни душички, им погодуваат што сакаат да слушнат….ех, а па колку почит и потчинетост им покажуваат…… еј, дури и истата „марка“ кафе почнуваат да ја пијат. Ама, управувачот за тие ќефови секој ден им се заблагодарува со јавни пофалби, заеднички променади во и вон градот, понекоја гага гозба, слободни часови и денови кога и да посакаат, нели треба и да одморат од тешките работни задачки кои ги вршат за нивниот ќеф.
И така, ден да пројде, нов да дојде.

Сите среќни и весели.
И волкот сит и овците на број.

Се обложувам дека управувачите се будат и заспиваат со мислата:
Ох, зарем е можно, работниот ден ми е како песна. Упикувањето во поголеми, а не така тазе гомца ми донесе вакво управување со сродни души. Колку било лесно. Каков ли среќлија сум бил………нека ми е за многу години.

Но едно утро, при ритуалното тестирање на огледалцето ќе доживее шок. Одговорот што не сака да го чуе, одѕвонува ли, одѕвонува во неговата празна глава.

,, Ти не си најдобриот управувач. Ти си потпросечен упикувач!!!!!!
Сега има друг кој е подобааааар од тебе………”

Оф, оф, оф, лелеееее……….ова не требаше да се случи???????
Зоштоооооооооо??????

Совет: Не кршете го огледалото, тоа носи несреќа цели 7 години.

Наравоучение: Мува како мува, правецот на летот и го одредува мирисот на ново свежо гомце.

п.с. Не, ова не е бајка од Браќата Грим, ниту волшебното огледало на злобната маќеа на Снежана. Ова е реално шоу што се гледа и доживува секој ден, во оваа чудна земја. Земја на управувачи и упикувачи.
Со здравје да си ја чуваме.

м-р Габриела Стефановска
обичен културен работник

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе