Радио Кочани
Кочани

РАЃАЊЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА: Литургии во храмовите, православните во Македонија денеска ја слават Мала Богородица

28

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Во предвечерието на великиот празник синоќа беше отслужена вечерна богослужба во храмот посветен на Богородичното рождество во центарот на Скопје. Вечерната молитва беше проследена со литија околу централното градско подрачје.

Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца.

Во минатото Малата Богородица го одбележуваше времето кога почнуваше есенското орање и сеидба. Се верува дека убавото време на овој празник навестува ведра есен и сува зима. А, старото предание вели дека дождот на Мала Господина „донесува“ сурова и студена зима.

Заедно со Рождеството, според калнедарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска.

Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.

Житие (МПЦ-ОА): Рождество на Пресвета Богородица

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе