Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Советот на Општина Кочани изгласа зголемување на данокот на имот за 40 отсто
Жителите на Општина Кочани ќе плаќаат повисок данок на имот, откако Советот на Општина Кочани на денешната 16. седница ја усвои Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на висината на стапките на данокот на имот за подрачјето на општината.
Одлуката беше донесена со 12 гласа „за“ и 7 „против“. За неа гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, двајцата независни советници од „Сакам живот во Кочани“ и советникот Аки Акиов.
Во текот на расправата беа изнесени спротивставени ставови.
Советничката Благица Сабовлевиќ Стоименова од советничката група „Доста беше“ истакна дека во овој момент не треба дополнително да се оптоваруваат граѓаните.
Оваа мерка не е хумана. Слушнавме многу предизборни ветувања, како и визијата „Кочани 2030“, но не очекував овој товар повторно да падне на грбот на граѓаните. Искрено апелирам оваа точка да не ја изгласаме во првата година од нашиот мандат. Ги повикувам сите советници добро да размислат како ќе гласаат. Нашата советничка група „Доста беше“ ќе гласа против. Граѓаните, генерално, редовно го плаќаат данокот на имот – рече Сабовлевиќ Стоименова.
Советникот Гоце Димитров од ВМРО-ДПМНЕ образложи дека Кочани со години има една од најниските стапки на данок на имот.
Според пресметките, едно семејство кое досега плаќало околу 1.500 денари данок на имот, со новата одлука ќе плаќа околу 600 денари повеќе годишно, односно околу 50 денари месечно. Не сметам дека тоа е голем износ. Овие средства ќе останат во општината и ќе им се вратат на граѓаните преку проекти. Често се споредуваме со општини како Штип и Кавадарци, а таму данокот е повисок – рече Димитров.
Советникот Ивица Лазаров од СДСМ рече дека се согласува со ставот на советничката Сабовлевиќ Стоименова.
Најпрво треба да го подобриме квалитетот на живот на нашите сограѓани, па потоа да ги зголемуваме даноците. Ова покачување не е за нови инвестиции, туку за покривање на финансиска дупка од околу 200 илјади евра. Ако овие средства беа наменети за капитални проекти, јас прв ќе ја поддржев оваа одлука – истакна Лазаров.
Претседателот на Советот, Александар Андов, оцени дека одлуката е непопуларна, но неопходна.
Свесни сме дека ова не е популарна мерка. Стручните служби ја разгледуваа оваа одлука со цел да се подобри функционирањето на општината. Понекогаш како советници мораме да покажеме храброст и да донесеме тешки одлуки – рече Андов.
Советникот Никола Крстев од „Доста беше“ праша дали граѓаните заслужуваат да плаќаат повисоки даноци во услови кога, како што рече, сè уште се соочуваат со бројни комунални проблеми.
Дали граѓаните од населбата Бејрут, кои секојдневно имаат проблем со водоснабдувањето, треба да плаќаат повисок данок? Дали граѓаните кои се соочуваат со кучиња скитници и секојдневно возат по оштетени улици треба да плаќаат повеќе? Сметам дека ваква одлука треба да се донесе дури откако ќе се подобрат условите за живот – рече Крстев.
Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека зголемувањето на данокот не е самоволна одлука на локалната власт.
Секој што смета дека неправедно му е утврден данокот има право да поднесе приговор. Ова не е самоволно покачување, туку усогласување што се прави и во други општини. Се согласувам дека Кочани поминува низ тежок период, но секојдневно се соочуваме со голем број барања и проблеми што треба да се решаваат – изјави Грозданов.
По завршувањето на расправата, Советот ја усвои одлуката со 12 гласа „за“ и 7 „против“, со што стапките на данокот на имот во Општина Кочани ќе бидат зголемени за 40 проценти.
