Радио Кочани
Кочани

„Маршот на ангелите“ продолжува: 47 маршеви, исто барање – вистина и одговорност

108

Речиси 17 месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, „Маршот на ангелите“ продолжува да биде редовно присуство на семејствата на загинатите и граѓаните кои бараат целосно расчистување на случајот.

Од 16 март минатата година до денес се одржани 47 маршеви. Најголем број од нив се одржаа во Кочани, каде што започна и оваа иницијатива, но маршот продолжи и надвор од градот.

Поддршка беше изразена преку маршеви во Виница, Штип, Ратавица и Скопје, а во план се и активности во Струмица и Македонска Каменица. Од самиот почеток, барањата на родителите се насочени кон целосно расветлување на сите околности поврзани со трагедијата, утврдување на индивидуална и институционална одговорност и транспарентно водење на целиот процес.

Семејствата бараат да се утврди дали сите надлежни институции постапувале согласно своите законски обврски, дали контролите и надзорите биле спроведени како што треба и дали сите лица кои имале каква било улога во настаните ќе бидат опфатени во постапката.

Токму затоа маршрутата на „Маршот на ангелите“ поминува пред повеќе институции.

Почетната точка е Паркот на Револуцијата, од каде колоната продолжува кон Општина Кочани, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи и завршува пред Основното јавно обвинителство – Кочани.

За родителите, секоја од овие институции има своја улога во процесот – од издавањето дозволи и надзорот, до истрагата и судската постапка.

Поради тоа, тие инсистираат на одговори и целосно објаснување на сите пропусти што можеби довеле до трагичниот настан.

Паралелно со судскиот процес, „Маршот на ангелите“ продолжува да ја носи и пораката дека трагедијата не смее да се сведе само на статистика.

Во следниот период „Маршот на ангелите“ ќе продолжи по секое судско рочиште. Во еден месец се предвидени шест рочишта, што значи дека секоја судска расправа ќе биде проследена со марш.

Следниот, 48. „Марш на ангелите“, е најавен за 8 август. По 47 одржани маршеви, семејствата продолжуваат да го следат секој чекор од судската постапка.

Нивната порака останува иста – случајот да не биде заборавен, институциите да одговорат на поставените прашања, а одговорноста да биде утврдена преку целосна и транспарентна постапка.

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.

 

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio