Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Продолжува лекувањето во Србија на повредените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ беше доведено во прашање од еден административен проблем – немањето на договор за соработка меѓу Фондовите за здравство на Македонија и тој на Србија. Лекарите веќе предупредија дека ако до септември не се направат реконструктивните операции на кожата на повредените, ќе дојде до здебелување на ткивото, а со тоа и сериозни тешкотии па дури и неможност да се употребуваат прстите и рацете.
Договор и натаму нема, но со интервенција на министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, договорено е овие операции во српските болници да паднат на товар на српскиот Фонд за здравство. Добрата вест денеска во Кочани соопшти Стоилковиќ, кој неделава по втор пат дојде во посета.
Министерот Стоилковиќ на почетокот на неделата беше во работна посета на Кочани, при што се сретна и со дел од повредените во пожарот. По тие средби, како што истакна, стапил во контакт со државното раководство на Србија за да се најде решение за продолжување на нивното лекување.
–Децата ми рекоа дека лекарите во Србија ги информирале оти доколку до септември не се изврши и последната хируршка оперативна фаза од лекувањето на изгорениците на рацете, тогаш нивната состојба ќе се искомплицира. Дека ќе дојде до задебелување на кожата по што нема да можат да ги движат прстите и рацете. Тоа ми го кажаа полни со недоверба дека нешто ќе може да им се помогне, рече Стоилковиќ.

Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, по четири дена од посетата на Кочани, се врати на средба со градоначалникот Владко Грозданов, за заеднички да ја соопштат веста дека Република Србија, благодарение на државното раководство, ги отвора вратите за повредените од „Пулс“, коишто по пожарот беа згрижени таму и тие ќе можат бесплатно да го продолжат лекувањето во српските болници.
–Тие операции се прилично скапи, што значи дека на децата не ќе можеа да им се изведат поради недостаток на средства и поради тоа што нашиот фонд нема да може да ги регулира обврските. Јас разговарав со државното раководство на Србија кое веднаш прифати медицинскиот третман на повредените што се лекуваа во Белград да се одвива на сметка на Фондот за здравство на Република Србија. Веднаш за тоа го информирав нашиот премиер кој стапи во контакт со српската влада и веќе се формирани тимови на ниво на Министерство за здравство и на ниво на фондови за здравство, што значи дека веќе се почнати тие активности, изјави министерот Стоилковиќ од Кочани.
Србија е една од земјите што веднаш по трагeдијата, прифати на лекување 17 пациенти на возраст од 18 до 26 години. Пациeнти со тешки изгореници, а дел беа и на механичка вентилација, се лекуваа во во УКЦ Србија во Белград, ВМА во Белград, како и во Клиничкиот центар и Воената болница во Ниш.
Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија или Фондацијата Метаморфозис.

