Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Отворени 54. Илинденски спортски игри „Чешиново 2026“ – „Соколарци“ со победа на стартот
Со натпреварот меѓу екипите на „Соколарци“ и „Теранци“, официјално започна 54. издание на Илинденските спортски игри „Чешиново 2026“, една од најдолговечните спортски манифестации во регионот.
Пред почетокот на натпреварувањата, свечената атмосфера ја збогати Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, кој се претстави со сплет од македонски народни ора.
По интонирањето на државната химна, присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданче Костадинов.

Во своето обраќање тој им посака успешен настап на сите учесници, фер и спортско надмудрување, а потоа и официјално го прогласи за отворено овогодишното издание на Илинденските спортски игри.
На теренот, првиот натпревар донесе возбудлива и ефикасна игра.
Екипата на „Соколарци“ го совлада „Теранци“ со резултат 4:2, откако на полувремето резултатот беше израмнет 2:2.
Со оваа победа „Соколарци“ успешно го отвори турнирот и најави интересни натпревари во продолжение.
Од Општина Чешиново-Облешево порачаа дека Илинденските спортски игри повеќе од пет децении претставуваат симбол на спортот, заедништвото и натпреварувачкиот дух.
Со голема чест го означивме почетокот на 54. Илинденски спортски игри. На сите учесници им посакуваме многу успех, фер и коректна игра, а на публиката многу возбудувања, позитивна атмосфера и незаборавни спортски моменти. Нека победат најдобрите, а оваа манифестација и годинава нека биде вистински празник на спортот и гордост на нашата општина, порачаа од локалната самоуправа.

