Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Две од највозбудливите млади имиња на македонската алтернативна сцена – Хајка од Скопје и Корка од Кочани – ова лето ги здружуваат силите за заедничка балканска турнеја, носејќи ја својата енергија и автентичен звук пред публиката во шест градови и четири држави.
Турнејата започнува на 6 јули во Подгорица, а потоа продолжува во Задар, Загреб, Љубљана, Нови Сад, Белград и Церкно, каде двата бенда ќе настапат во некои од најпознатите клубови и независни концертни простори во регионот.

Хајка во изминатите години се наметна како еден од најинтересните пост-панк состави од Скопје. Нивниот звук е спој на пост-панк, експериментална електроника и брзо темпо, а концертите се препознатливи по импровизацијата и непредвидливата атмосфера која секој настап го прави единствен.
Од друга страна, Корка од Кочани е едно од најсвежите имиња на домашната алтернативна сцена. Бендот носи суров спој на noise и алтернативен рок, инспириран од звукот на деведесеттите, со моќни гитарски рифови и бескомпромисна сценска енергија која остава силен впечаток кај публиката.
Заедничката турнеја претставува уште еден значаен чекор за двата состави, кои сè почесто се појавуваат на регионалната независна музичка сцена и ја претставуваат современата македонска алтернативна музика надвор од границите на земјата.
Распоредот на турнејата изгледа вака:
6 јули – Подгорица, Црна Гора
8 јули – Задар, Хрватска
9 јули – Загреб, Хрватска
10 јули – Љубљана, Словенија
11 јули – Нови Сад, Србија
12 јули – Белград, Србија
19 јули – Церкно, Словенија
Со серија настапи во реномирани алтернативни клубови низ Балканот, Хајка и Корка најавуваат жешко музичко лето и уште една потврда дека новата генерација македонски бендови успешно го освојува регионалниот простор.
