Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Општина Кочани ги известува граѓаните дека денес е регистрирана енормно зголемена потрошувачка на вода во населените места Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци.
Додека вообичаената потрошувачка изнесува околу 23 литри во секунда, во моментов е евидентирана потрошувачка од 53 литри во секунда, што претставува повеќе од двојно зголемување и сериозно го оптоварува водоснабдителниот систем.
Причина за ваквата состојба е масовното користење на водата за наводнување на тревници, бавчи и земјоделски култури, како и за миење на дворови, бекатон-површини и други површини.
Поради ваквата несовесна и неодговорна потрошувачка, високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг на вода, а доколку потрошувачката не се намали, ќе биде загрозено редовното водоснабдување и во останатите населени места.
Општина Кочани апелира до сите граѓани веднаш да престанат со користење на водата за наводнување и миење на дворови и други површини и истата да ја користат исклучиво рационално.
Доколку ваквата состојба продолжи, од утре ќе бидат воведени рестрикции за несовесните корисници, со цел да се обезбеди уредно и непречено водоснабдување за сите граѓани.
Апелираме до сите жители да покажат одговорност и солидарност, бидејќи само со рационално користење на водата може да се обезбеди стабилно водоснабдување во сите населени места.
© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне
