Радио Кочани
Кочани

Тоневски: До крајот на летото се очекува да започне изградбата на регионалната депонија кај Мечкуевци

117

Постапката за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија кај селото Мечкуевци, во близина на Свети Николе, се наоѓа во фаза на евалуација на доставените понуди. Тендерот беше објавен во декември минатата година, а надлежните очекуваат процесот успешно да заврши до крајот на летниот период.

Според претседателот на Советот на градоначалници на Источниот плански регион, Тони Тоневски, моментално се разгледуваат понудите на заинтересираните компании.

Тој изрази надеж дека овојпат постапката ќе биде успешна, имајќи предвид дека претходниот обид за избор на изведувач не завршил со резултат.

Инаку, општините од Источниот и Североисточниот плански регион постигнаа договор за финансирање на заедничкото јавно претпријатие „Екоисток Североисток“, кое ќе биде задолжено за управување со идната регионална депонија кај Свети Николе.

Наместо првично предложените 60 денари по жител, градоначалниците се согласија општините да издвојуваат по 10 денари од жител годишно за тековното работење и одржување на претпријатието.

Средствата ќе се обезбедуваат од општинските буџети, согласно бројот на жители според последниот попис.

Со реализацијата на проектот ќе се воспостави модерен систем за собирање и третман на отпадот, со што ќе се реши долгогодишниот проблем со депонирањето на сметот за околу 370.000 жители од Источниот и Североисточниот регион.

За изградбата се обезбедени повеќе од 40 милиони евра од фондовите на Европската Унија, а градежните работи се планира да траат околу 18 месеци.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio