Радио Кочани
Кочани

Интервју за Радио Кочани со д-р Кристина Тодосиева Серафимова од ПЗУ „Св. Никола“

191

Радио Кочани: Кажете ни нешто повеќе за ординацијата „Св. Никола“ и како започна Вашата работа во Кочани?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Ординацијата „Св. Никола“ е специјалистичка ординација по радиодијагностика, специјализирана за различни дијагностички процедури со цел современа и точна дијагноза на најчестите заболувања. Со работа започнавме во првата недела од мај оваа година.

Името на ординацијата има посебна симболика. Една од причините е почитта кон мојот свекор, Прим. д-р Никола Серафимов, еден од најдобрите лекари во регионот, познат по својата стручност и човечност, кој обучил голем број специјалисти што и денес работат во источниот дел на државата. Дополнително, Свети Никола е познат како чудотворец, исцелител и заштитник на болните, вредности кон кои секој здравствен работник треба да се стреми.

Во ординацијата работи мал, но посветен тим составен од доктор специјалист по радиодијагностика, медицинска сестра и администратор.

Радио Кочани: Кои услуги им ги нудите на пациентите и со каква опрема располагате?

Д-р Кристина Тодосиева  Серафимова: На пациентите им нудиме современа ултразвучна дијагностика со апарат од премиум гамата на Samsung, опремен со медицинска вештачка интелигенција која овозможува попрецизна превенција и дијагностика.

Извршуваме ултразвучни прегледи на сите внатрешни органи, тироидна жлезда, дојки, црн дроб, панкреас, жолчка, бубрези и уринарен тракт, простата, како и ехо на срце и колор доплер на крвни садови на целото тело.

Радио Кочани: Што претставува ехо дијагностиката и зошто е важна за раното откривање на болестите?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Ехо дијагностиката е основна медицинска процедура која со помош на ултразвучни бранови овозможува анализа на органите и откривање на промени во нивната форма, големина и функција.

Многу заболувања во почетната фаза не предизвикуваат симптоми, но можат да се забележат со ултразвучен преглед. Токму затоа редовните превентивни прегледи се исклучително важни, бидејќи овозможуваат навремено откривање и лекување на болестите.

Радио Кочани: Кои прегледи најчесто ги бараат пациентите?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Кај жените најчесто се бараат прегледи на тироидната жлезда и дојките, додека кај мажите најзастапени се прегледите на абдоменот, бубрезите, уринарниот тракт и простатата. Подеднаков интерес има за ехо на срце и доплер на крвни садови, а кај децата најчести се абдоминалните ултразвучни прегледи.

Радио Кочани: Кои се најчестите здравствени проблеми што ги откривате при прегледите?

Д-р Кристина Тодосиева  Серафимова: Најчесто станува збор за заболувања на кардиоваскуларниот, урогениталниот и ендокриниот систем. Чести се дијабетесот, срцевата слабост, атеросклерозата, проширените вени, намалената циркулација, јазли на тироидната жлезда и дојките, уринарните инфекции и заболувањата на гастроинтестиналниот тракт.

Радио Кочани: Дали постојат симптоми кои луѓето не треба да ги игнорираат?

Д-р Кристина  Тодосиева Серафимова: Секако. Болката, чувството на тежина во одреден дел од телото, трнењето, честите главоболки, заморот, отежнатото мокрење, подуеноста во пределот на вратот или градите и промените на кожата се симптоми кои не треба да се занемаруваат. Тие можат да бидат знак за сериозни заболувања и потребна е навремена лекарска консултација.

Радио Кочани: Колку често препорачувате превентивни прегледи?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Според препораките на Светската здравствена организација, превентивен преглед треба да се прави најмалку еднаш годишно. Кај лицата со зголемен ризик, поради наследни фактори или животни навики, препорачливо е контролите да се извршуваат два до три пати годишно.

Радио Кочани: Дали ординацијата соработува со други специјалисти и здравствени установи?

Д-р Кристина  Тодосиева Серафимова: Да. Интензивно соработуваме со доц. д-р Александар Серафимов, специјалист кардиолог и професор на Медицинскиот факултет во Штип, кој врши ехо прегледи во нашата ординација.

Соработуваме и со специјалисти радиодијагностичари од Скопје, со Општата болница во Кочани, Клиничката болница во Штип и Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Во тек се разговори за проширување на соработката со ендокринолози, невролози и повеќе клиники од Скопје.

Радио Кочани: Какви се искуствата на пациентите досега?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Досегашните искуства се исклучително позитивни. Нашата цел е секој пациент да биде сослушан и да добие соодветна грижа и внимание. Веруваме дека пациентите не се бројки, туку луѓе на кои им е потребна поддршка, разбирање и професионална помош.

Радио Кочани: Со какви предизвици се соочува приватното здравство денес?

Д-р Кристина Тодосиева  Серафимова: Предизвиците се големи. Неопходни се постојани инвестиции во современа опрема и медицинска едукација. Од друга страна, не секој пациент може да си дозволи приватни прегледи, па затоа организираме и бесплатни превентивни акции. Такви активности планираме и во иднина.

Радио Кочани: Кои се Вашите планови за понатамошен развој на ординацијата?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Планираме проширување на дејноста со ангажирање на нови специјалисти, како и набавка на дополнителна дијагностичка опрема, меѓу која рендген апарат и мамограф.

Радио Кочани: Која е Вашата порака до граѓаните на Кочани и регионот?

Д-р Кристина  Тодосиева Серафимова: Би им препорачала редовно да прават превентивни прегледи и да не ги игнорираат почетните симптоми на болестите. Превенцијата е најдобриот лек.

Радио Кочани: Што Ве мотивира да ја работите оваа професија?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Најголема мотивација ми е можноста да се постави точна дијагноза и на тој начин да се помогне на пациентот да има поквалитетен и подобар живот. Нема ништо повредно од здравјето.

Радио Кочани: Кој совет би им го дале на луѓето за да го зачуваат своето здравје?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Да ги следат советите на лекарите, да водат здрав живот и да ги менуваат лошите навики кога е потребно. Грижата за здравјето треба да биде секојдневна обврска.

Радио Кочани: Како пациентите можат да закажат преглед?

Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Преглед може да се закаже телефонски, преку социјалните мрежи или лично во просториите на ординацијата. Нашата врата е отворена за сите кои сакаат навремена и квалитетна здравствена грижа.

 

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio