Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Радио Кочани: Кажете ни нешто повеќе за ординацијата „Св. Никола“ и како започна Вашата работа во Кочани?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Ординацијата „Св. Никола“ е специјалистичка ординација по радиодијагностика, специјализирана за различни дијагностички процедури со цел современа и точна дијагноза на најчестите заболувања. Со работа започнавме во првата недела од мај оваа година.
Името на ординацијата има посебна симболика. Една од причините е почитта кон мојот свекор, Прим. д-р Никола Серафимов, еден од најдобрите лекари во регионот, познат по својата стручност и човечност, кој обучил голем број специјалисти што и денес работат во источниот дел на државата. Дополнително, Свети Никола е познат како чудотворец, исцелител и заштитник на болните, вредности кон кои секој здравствен работник треба да се стреми.
Во ординацијата работи мал, но посветен тим составен од доктор специјалист по радиодијагностика, медицинска сестра и администратор.
Радио Кочани: Кои услуги им ги нудите на пациентите и со каква опрема располагате?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: На пациентите им нудиме современа ултразвучна дијагностика со апарат од премиум гамата на Samsung, опремен со медицинска вештачка интелигенција која овозможува попрецизна превенција и дијагностика.
Извршуваме ултразвучни прегледи на сите внатрешни органи, тироидна жлезда, дојки, црн дроб, панкреас, жолчка, бубрези и уринарен тракт, простата, како и ехо на срце и колор доплер на крвни садови на целото тело.
Радио Кочани: Што претставува ехо дијагностиката и зошто е важна за раното откривање на болестите?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Ехо дијагностиката е основна медицинска процедура која со помош на ултразвучни бранови овозможува анализа на органите и откривање на промени во нивната форма, големина и функција.
Многу заболувања во почетната фаза не предизвикуваат симптоми, но можат да се забележат со ултразвучен преглед. Токму затоа редовните превентивни прегледи се исклучително важни, бидејќи овозможуваат навремено откривање и лекување на болестите.
Радио Кочани: Кои прегледи најчесто ги бараат пациентите?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Кај жените најчесто се бараат прегледи на тироидната жлезда и дојките, додека кај мажите најзастапени се прегледите на абдоменот, бубрезите, уринарниот тракт и простатата. Подеднаков интерес има за ехо на срце и доплер на крвни садови, а кај децата најчести се абдоминалните ултразвучни прегледи.
Радио Кочани: Кои се најчестите здравствени проблеми што ги откривате при прегледите?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Најчесто станува збор за заболувања на кардиоваскуларниот, урогениталниот и ендокриниот систем. Чести се дијабетесот, срцевата слабост, атеросклерозата, проширените вени, намалената циркулација, јазли на тироидната жлезда и дојките, уринарните инфекции и заболувањата на гастроинтестиналниот тракт.

Радио Кочани: Дали постојат симптоми кои луѓето не треба да ги игнорираат?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Секако. Болката, чувството на тежина во одреден дел од телото, трнењето, честите главоболки, заморот, отежнатото мокрење, подуеноста во пределот на вратот или градите и промените на кожата се симптоми кои не треба да се занемаруваат. Тие можат да бидат знак за сериозни заболувања и потребна е навремена лекарска консултација.
Радио Кочани: Колку често препорачувате превентивни прегледи?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Според препораките на Светската здравствена организација, превентивен преглед треба да се прави најмалку еднаш годишно. Кај лицата со зголемен ризик, поради наследни фактори или животни навики, препорачливо е контролите да се извршуваат два до три пати годишно.
Радио Кочани: Дали ординацијата соработува со други специјалисти и здравствени установи?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Да. Интензивно соработуваме со доц. д-р Александар Серафимов, специјалист кардиолог и професор на Медицинскиот факултет во Штип, кој врши ехо прегледи во нашата ординација.
Соработуваме и со специјалисти радиодијагностичари од Скопје, со Општата болница во Кочани, Клиничката болница во Штип и Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Во тек се разговори за проширување на соработката со ендокринолози, невролози и повеќе клиники од Скопје.
Радио Кочани: Какви се искуствата на пациентите досега?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Досегашните искуства се исклучително позитивни. Нашата цел е секој пациент да биде сослушан и да добие соодветна грижа и внимание. Веруваме дека пациентите не се бројки, туку луѓе на кои им е потребна поддршка, разбирање и професионална помош.
Радио Кочани: Со какви предизвици се соочува приватното здравство денес?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Предизвиците се големи. Неопходни се постојани инвестиции во современа опрема и медицинска едукација. Од друга страна, не секој пациент може да си дозволи приватни прегледи, па затоа организираме и бесплатни превентивни акции. Такви активности планираме и во иднина.
Радио Кочани: Кои се Вашите планови за понатамошен развој на ординацијата?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Планираме проширување на дејноста со ангажирање на нови специјалисти, како и набавка на дополнителна дијагностичка опрема, меѓу која рендген апарат и мамограф.
Радио Кочани: Која е Вашата порака до граѓаните на Кочани и регионот?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Би им препорачала редовно да прават превентивни прегледи и да не ги игнорираат почетните симптоми на болестите. Превенцијата е најдобриот лек.
Радио Кочани: Што Ве мотивира да ја работите оваа професија?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Најголема мотивација ми е можноста да се постави точна дијагноза и на тој начин да се помогне на пациентот да има поквалитетен и подобар живот. Нема ништо повредно од здравјето.
Радио Кочани: Кој совет би им го дале на луѓето за да го зачуваат своето здравје?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Да ги следат советите на лекарите, да водат здрав живот и да ги менуваат лошите навики кога е потребно. Грижата за здравјето треба да биде секојдневна обврска.
Радио Кочани: Како пациентите можат да закажат преглед?
Д-р Кристина Тодосиева Серафимова: Преглед може да се закаже телефонски, преку социјалните мрежи или лично во просториите на ординацијата. Нашата врата е отворена за сите кои сакаат навремена и квалитетна здравствена грижа.


