Радио Кочани
Кочани

Хуманост, музика и сеќавање: Кочани оддаде почит на Јорданчо Џамов и 63-те жртви од трагедијата

217

Со музика, хуманост и силна порака за заедништво, во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржа хуманитарен настан посветен на Јорданчо Џамов и 63-те жртви од трагедијата што длабоко го потресе градот и целата јавност.

Голем број граѓани присуствуваа на настанот, каде што беа организирани модна ревија, хуманитарна продажба на фустани и богата музичка програма. Собраните средства ќе бидат наменети за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, како и за поддршка на семејства од ранливи категории.

Професорката Сања Ристевски истакна дека Јорданчо Џамов како личност оставил неизбришлива трага кај своите професори, соученици и пријатели, а неговата добрина и човечност засекогаш ќе останат во сеќавањата на оние што го познавале.

Во рамки на настанот беа промовирана книгата посветена на прерано починатиот Јорданчо Џамов, како и хуманитарно здружение. Книгата е дело на авторките Ружица Блажева и Натали Ајтовска. Книгата претставува сведоштво за еден краток, но исполнет живот кој оставил силна и трајна трага во срцата на многумина.

Неговата сестра, Розета Блажева, емотивно се обрати пред присутните, нагласувајќи дека е тешко да се пронајдат вистинските зборови за личност каква што бил Јорданчо, но дека неговата љубов, насмевка и добрина продолжуваат да живеат преку спомените на неговите најблиски.

Посебни емоции кај публиката предизвикаа музичките настапи на македонската музичка ѕвезда Каролина Гочева, како и на ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани, чии изведби дополнително ја збогатија вечерта исполнета со почит, тага и надеж.

Во знак на сеќавање и почит кон жртвите, кон небото беа пуштени 63 балони, симболично оддавајќи почит на секој од згаснатите животи.

Настанот беше организиран од семејството и пријателите на Јорданчо Џамов, кои испратија порака дека споменот, солидарноста и хуманоста треба да продолжат да живеат и во иднина, како потсетник дека љубовта и заедништвото се најсилниот одговор на секоја болка.

 

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio