Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Премиерот, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, и градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, остварија работна посета на компанијата „Макпрогрес“ во Виница, каде што беше одржана средба со менаџерскиот и стручниот колегиум на компанијата и свечено беше пуштена во работа новата кондиторска фабрика на брендот Винчини за производство на вафли.
Во рамки на посетата беше одржан работен состанок на кој беа презентирани резултатите и развојните планови на компанијата, како и актуелните предизвици и можности за понатамошен раст на извозот, инвестициите и конкурентноста на македонската прехранбена индустрија.
Централен настан на посетата беше отворањето на новата фабрика за производство на вафли – инвестиција вредна 8,5 милиони евра, реализирана за само шест месеци со значајно учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи.
Новата фабрика располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети за домашниот пазар и за повеќе од 60 странски пазари на кои се присутни производите на Винчини.
Со почетокот на производството веднаш беа отворени 40 нови работни места, а во текот на следната година се планирани уште 40 дополнителни вработувања.
Се очекува инвестицијата значително да придонесе за економскиот развој на регионот и отворање нови можности за младите кадри.
По свеченото пресекување на лентата, владината делегација ги посети новите производствени капацитети и непосредно се запозна со современите технологии и производствени процеси кои ќе придонесат за понатамошен раст на македонската прехранбена индустрија.
Макпрогрес, како една од најголемите домашни прехранбени компании и еден од водечките македонски извозници, со оваа инвестиција ја продолжува својата стратегија за технолошки развој, зголемување на конкурентноста и афирмација на македонските производи на светските пазари.
