Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во врска со објавените написи и јавните изјави поврзани со изградбата на мала хидроцентрала на подрачјето на с. Блатец, должни сме да изнесеме официјално појаснување и демант на повеќе неточни и тенденциозни информации кои создаваат погрешна слика во јавноста.
Проектот се реализира врз основа на важечка концесија и соодветна документација издадена од надлежните институции на Република Северна Македонија. Сите постапки се водат исклучиво во рамки на законските процедури, со почитување на важечките еколошки стандарди и прописи. Ниту една активност не се презема спротивно на закон или без институционално одобрение.
Истовремено, при неодамнешен пристап до локацијата, нашиот тим беше изложен на сериозни вербални закани, блокади и агресивно однесување од организирана група лица, поради што интервенираше полиција. Сметаме дека ваквиот начин на дејствување не придонесува кон решение и создава непотребна тензија.
Со цел јасно информирање на јавноста, ги појаснуваме следните клучни точки:
- Должина на цевководот
Во јавноста беше наведено дека цевководот ќе биде долг 3–4 километри.
Ова не е точно.
Реалната должина на цевководот изнесува 1,9 километри, согласно проектната документација и издадените одобренија. - Наводи за уништување на биодиверзитетот
Тврдењата дека проектот ќе го уништи биодиверзитетот не се поткрепени со факти.
По целото течение на реката, од левата и десната страна, постојат 5–6 долови и природни дотекувања со вода, кои продолжуваат да го одржуваат природниот проток надолу по течението. Овие води не се опфатени со цевководот.
Дополнително, локалното население користи отворен извор/цевка за вода за пиење. Како инвеститор, се обврзавме жителите да имаат обезбеден пристап до вода за пиење пред зафатот, со што водоснабдувањето нема да биде загрозено.
- за каналот „Јагодици“
Беше изнесено тврдење дека поради турбината нема да може да се зафаќа вода во левиот канал за наводнување на полето Јагодици.
Ова исто така не е точно.
Хидроцентралата (турбината -испустот е позиционирана 20–30 метри над левиот канал за наводнување каде водата можат да ја преусмеруват каде сакаат, а проектот е дополнително прилагоден со цел зачувување на потребите на локалното население. Поради овие прилагодувања, инсталираната моќност е намалена од првично планираните 860 kW на 606 kW, токму како компромис и во интерес на мештаните.
Нагласуваме:
- Не сме против локалното население
- Не сме против заштита на животната средина
- Не сме против дијалог
Но сме против насилство, закани по живот и спречување на законски дозволени активности.
Жалиме што дел од јавните настапи добија тон на конфликт и што на одредени собири атмосферата беше непотребно ескалирана. Сметаме дека сите прашања треба да се решаваат институционално, со факти, стручни анализи и аргументирана дебата.
Го повикуваме и градоначалникот да ја разгледа состојбата.
Имаме доверба во него како човек од овој крај и веруваме дека може да придонесе кон разумно и балансирано решение.
Нагласуваме дека и ние сме луѓе од овој регион и нашата намера не е конфликт, туку реализација на проект во согласност со законите и со почитување на локалната заедница.
Подготвени сме за транспарентен разговор со сите засегнати страни и за дополнителни стручни појаснувања во врска со влијанието на проектот врз водоснабдувањето и животната средина.
Апелираме јавната дебата да се води со факти и во институционални рамки.
Со почит,
ДПТУ Енерџи Лукс
