Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Андов на прес најави изградба на брана на „Арамиска чешма“ за водоснабдување на Пониква
Изградба на брана на „Арамиска чешма“ за водоснабдување на Пониква, за што комплетно е изготвен проект со техничка документација, најави денеска на прес конференција, носителот на листата со кандидати за советници на Општина Кочани од редовите на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, Александар Андов. Овој проект, според него, треба да биде реализиран до крајот на мандатот на новиот совет.
Освен ова, Андов најави и одлуки со кои преку општинските училишта и образовните центри ќе се обезбеди преквалификација и доквалификација на повредените за да продолжат со своите кариери, како и одлука на новиот советнички состав, со која повредените учениците ќе добијат стипендии, а за оние што ја изгубиле наставната година, дека ќе се обезбеди целосна финансиска и стручна помош за подготовка и полагање на испитите.

Како носител на советничка листа, најавувам и ветувам дека на сите засегнати од немилиот настан ќе им обезбедиме свој општински простор, каде ќе имаат директна комуникација лице в лице со секој советник — а не комуникација преку медиуми или улица и истите ќе бидат вклучени во Годишната програма на Општина Кочани како приоритет, нагласи носителот на советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата во Кочани, Александар Андов.
Тој ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат и да го заокружат бројот 9 за Советот и за градоначалник на Општина Кочани, со цел градот да има нов почеток, со конкретни решенија, кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани без разлика на партиска, верска и национална определба, затоа што тоа, нагласи Андов, е вистинскиот избор.
