Радио Кочани
Кочани

Тројца од повредените пожарникари во фабриката „Макпрогрес“ се пуштени дома, еден пратен на дополнителни испитувања

468

Тројца од повредените пожарникари при гаснењето на пожарот во фабриката „Макпрогрес“ во Виница што беа згрижени во Општата болница во Кочани се пуштени на домашно лекување. Четвртиот пожарникар, кој е припадник на ТППЕ од Штип, е испратен на дополнителни испитувања во штипската Клиничка болница, информираше Катерина Паниќ Мирчовска, в.д. директор на кочанската болница.

Таа се надева на позитивни наоди при испитувањата на четвртиот пожарникар, по што и тој ќе си замине во својот дом.

Сите досега згрижени пожарникари во Болницата во Кочани се со изгореници од прв степен на долните екстремитети. Ги добиле кога при гаснењето на пожарот во „Макпрогрес“ западнале во стопена течна маса од шеќер која горела.

Пожарникарот од Штип гасел оган за да спречи пламените јазици да стасат до боци со плин, по што слегувајќи од скала се заглавил во течната маса што горела.  Другите тројца, помагајќи му да се извлече од лепливата течност, како и тој, се здобиле со изгореници на нозете.

Од троцата што се пуштени на домашно лекување, еден пожарникар е од Свети Николе, двајца се од Виница. Четвртиот пожарникар врз кој денеска се вршат дополнителни испитувања е од Штип.

Дел од осуммината што се наоѓаат на Клиникат за токсикологи во Државната болница во Скопје, денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување. Состојбата им е стабилна, информираат од Министерството за здравство.

Овие осуммина на Токсикологија се работници на виничката фабрика за кондиторски производи.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio