Радио Кочани
Кочани

Дваесет и тројца стипендисти на Општина Кочани ги потпишаа договорите за користење на стипендијата

256

Дваесет и тројца студенти од Кочани денеска ги потпишаа договорите со Општина Кочани за користење на општинска стипендија за академската 2024/2025 година.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов им ги додели договорите на студентите при што им посака успех во понатамошното студирање.

– Се надеваме дека општинската стипендија е добра мотивација и поддршка за да постигнувате натамошни успеси во вашето студирање. Стипендирањето од Општина Кочани ви овозможува да бидете дел од потенцијалните кадри што ќе работат во јавниот или во приватниот сектор, да се пронајдете како поединци, како професионалци во областите во кои се образувате. Сметам дека многу брзо ќе бидете корисни граѓани за Кочани и се надевам дека ќе се присетите на симболичната поддршка што сте ја добиле за време на студирањето – рече во своето обраќање пред студентите градоначалникот Папазов.

Конкурсот беше распишан за 30 студенти на прв циклус студии на јавните високообразовни институции во Македонија. Иако имаше посебни критериуми за користење стипендии за студенти од ромската етничка заедница, за студенти лица со попреченост и со ретки болести, оваа година по тие основи немаше ниедна пријава. Сите доделени стипендии се во категориите на висок успех, медицински науки и од социјално загрозени семејства.

Месечниот износ на општинската стипендија годинава е 3.500 ден. и се издава десет месеци.

© 2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе