Радио Кочани
Кочани

На денешен ден е роден македонскиот легендарен кочански гитарист Симеон Иванов – Канго

647

Симеон Иванов – Канго (познат и само како Канго; 2 ноември 1951, Кочани – 26 март 2018) бил македонски рок – музичар и гитарист, поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“ кое ја промовира македонската нација, култура, јазик, а особено античко-македонското наследство на денешниот македонски народ. Канго бил познат по својот необичен стил налик на легендарниот гитарист Џими Хендрикс.

Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Симеон Иванов – Канго бил оженет и татко на три деца. Починал по тешко боледување од канцер, на 26 март 2018 година.

 

Канго почнал да се занимава со рок-музиката во раната младост, а во 2005 година го прославил 40-годишниот јубилеј со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго бил гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговата истоимена група, која работела во формацијата: гитара/вокал, бас гитара и тапани. Исто така, над 20 години, Канго бил сопственик на училиште за рок-музика каде го предавал своето искуство на помладите генерации.

Има издадено седум музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995) – албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998) – компилација на најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера, и „Откровение“ (2007). Покрај многуте концерти во Македонија, Канго настапил на Заечарската гитаријада во 1994 и 2001 година, а има одржано концерти во Нови Сад и во Белград (2004), како и во Виена (2004).

 

Канго е автор на четири збирки поезија:

„Воскреснување“ (1988),
„Вознесување“ (1989),
„Вдахновение“ (1990),
Поемата „Распетие“ (1997).

 

Со своето движење „Мактеон“, Канго организирал повеќе македонски космополитски средби, како и чествувања по повод раѓањето на Александар Македонски на наоѓалиштето Горно Гратче, на планината Осогово, во близината на Кочани.

© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе