Радио Кочани
Кочани

Седница на Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Кочани

392

Заради координација на надлежните служби за заштита и спасување и преземање засилени превентивни мерки во претстојниот празничен период, Кризниот штаб на Општина Кочани одржа седница.

Надлежните информираа дека најсериозна е состојбата на Осоговските Планини, каде што се интервенира на пожарот во атарот на Пресека. Исто така, пожарот од пробиштипски Зеленград дошол до месноста Панаѓур. Натамошното ширење е спречено со ископи од механизација.

Синоќа единиците успешно интервенирале на пожари во селата Нивичани, Бели, Соколарци и Теранци, а дојава за пожар имало и од селото Уларци, како последица на пожарот во Пробиштипско. Пожарникарите од ТППЕ и ДПД вчеравечер имале интервенција и на пожар кај Градската депонија.

Под контрола е ставен пожарот во атарот на Главовица, со кој противпожарните служби се справуваат четврти ден. Тој е локализиран и го контролираат мобилни екипи од ТППЕ – Кочани.

Според податоци од надлежните, голем дел од пожарите се подметнати. За вчерашниот случај кај селото Бели, отворена е постапка во Јавното обвинителство – Кочани и се работи на идентификација на лицето што го подметнало пожарот.

Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов побара засилена контрола во претстојниот период, како од инспекциските така и од полициските патроли, редовна  меѓуинституционална комуникација и брза професионална проценка на ризикот и потребите за интервенција при настанати пожари

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе